На кафе со Горјан Јовановски

Основач на апликацијата AirCare, еко активист, говорник на TED Talk, софтверски инженер, најдобар млад иноватор во Европа за 2020 година 

Горјан, твојата апликација “Мој Воздух” е една од најатрактивните апликации која се користи во земјата, посебно во зимскиот период кога во Скопје и останатите градови буквално не се дише. Како започна приказната на “Мој Воздух”?

Доста често кога ги раскажувам почетоците на МојВоздух (по ново AirCare, за интернационалниот пазар), зборам како тоа беше мојата прва апликација за Android телефони. Се учев како да правам апликации преку неа, и навистина не беше планирано да стане волку голема.

Тоа што не го спомнувам често, е дека тој период заедно со мојот добар другар Димитар Јованов, како студенти на ФИНКИ, дебатиравме што би била добра тема за апликација. Токму тој ја поддржа идејата за податоци за загадувањето на воздухот, бидејќи се плашев дека нема да е доволно атрактивна за граѓаните. Откако ја изработив, во првите месеци достигна над 10.000 корисници и тогаш сфатив дека тука има нешто.

Колку се меродавни информациите прикажани на апликацијата, какви методи користите за прикажување на резултатите?

Податоците доаѓаат од државните, универзитетските и волонтерските мерни станици од сите 41 земја што ги имаме во апликацијата. Тие податоци воошто не ги обработуваме, туку ги прикажуваме онака како што ги добиваме, за целосна транспарентност.

Државните и универзитетските мрежи имаат поголема прецизност, бидејќи самите мерни станици се од поскап, поквалитетен и научен карактер. Волонтерските пак, се далеку поефтини и попристапни до грѓаните, но бараат повеќе нега, правилно поставување, и даваат помала прецизност во мерењата (но доволна за да се знае дали е или не е загаден воздухот надвор во екстреми). Во моментов заедно со УГД Штип работиме на истражување околу прецизноста на овие сензори и набргу ќе знаеме точно колку добри се истите.

Важиш за еден од најголемите активисти кои гласно зборуваат за проблемот кој го имаме со големото загадување на воздухот. Што според тебе треба да се преземе за да дојде до намалување на загадувањето?

Од страна на индустријата, очекувам вистински инспекции и контроли (ненајавени, и без корупција/мито/лажирање извештаи), како и казни за пекршителите со целосно затворање и затворски казни за сопствениците од најмалку 1 година. Ако некој ми го загрозува животот, посебно свесно, треба да е строго казнет.

Од страна на домаќинствата, сите што може да се префрлат на инверстери/градско парно, треба да го направат тоа веднаш. Сите оние што не може да си дозволат таква транзиција финансиски, да бараат и аплицираат за субвенции од општината/градот за замена на нивните грејни тела. Кога ќе дојде гасоводот, тоа секако дополнително ќе помогне на тема аерозагадување.

Од страна на граѓаните, што помалку да ги користиме нашите автомобили, посебно старите кои загадуваат многу. Полека се гради велосипедската инфраструктура во Скопје и други градови и нема побрз начин за да се стигне од А до Б во град, од велосипед. Плус, немаш трошоци за регистрација, гориво, паркирање... милина :)

И секако, индивидуално може да помогнеме со рециклирање, совесно избегнување на непотребни амбалажи... многу навидум мали работи, заедно може да направат вистинска промена! 

Работно си ангажиран надвор од Македонија, може ли да направиш споредба како функционира ИТ секторот надвор од нашата земја, а како тука. Ги следиме ли светските трендови?

4 години работев како софтверски инженер и тим лидер во Booking.com, холандскиот сајт за резервирање на хотелски соби (да од Холандија потекнува). Мислам дека целосно нов свет видов таму и многу предности што сакам да ги видам како се појавуваат тука.

Од техничкиот апскет, мислам дека доста добро ги следиме светските трендови, но од аспектот на менаџирање на тимовите, ни треба многу повеќе човечки пристап кон нашите колеги. Почнав да пишувам книга токму за сите работи што ги научив како менаџер во Booking.com и се надевам дека кога ќе ја комплетирам, навистина ќе биде корисна за сите сегашни и идни менаџери, во, а и надвор од ИТ секторот. Среќен тим е продуктивен тим :)

Какво е чувството да се биде говорник на TED Talk?

Тоа беше огромна привилегија за мене, за тимот зад МојВоздух, и за нашата приказна и борба. Организаторите на TEDx настанот во Холандија, го препознаа потенцијалот на AirCare и добив покана да сум говорник на настанот во 2018 година. 

Благодареније на тој настан, многу светски медиуми, како BBC, Forbes, DW, но и NASA, Google, и Обединетите Нации, се заинтересираа за апликацијата и за проблемот во Македонија. 

На какви проекти работиш во моментот?

Моите проекти се доста често од социјален карактер, како МојМиленик - апликацијата за пронаоѓање на изгубени миленици, Волонтирај.мк - агрегаторот на волонтерски организации низ државата, Рециклирам.мк - едукативен портал за како и каде правилно да рециклирате. Но од скоро работиме и на други кул проекти во сферата на крводарителството со волонтери низ државата, памфлети за услуги за бездомниците, и мапирање на загадувачи со инспекторатот за животна средина. Се надевам скоро ќе ги завршиме, и ќе ја дадат својата вредност кон општеството. Кога наоѓам слободно време, предавам и во Brainster на UX/UI академијата. Но секако, AirCare и борбата за чист воздух ми остануваат прв приоритет!

Во кој правец би сакал да се развива твојата кариера во иднина?

Сакам да имаме пристап до буквално секој сензор за загадување на воздухот на планетата, во секоја земја. Да им помогнеме на сите граѓани на овој свет да знаат што дишат и потоа да ги насочиме како сите заедно да го решиме овој проблем, еднаш засекогаш. Искрено, јас би сакал да нема потреба да постои AirCare, тоа ќе значи дека воздухот е чист и може да се фокусираме на други проблеми. До тогаш, нашата борба продолжува, а откако дадов отказ од Booking.com оваа година, сега целосно се посветив на апликацијата. 

Работиме и на B2B производ со податоците за загадувањето што ги имаме, така што се надеваме дека и како бизнис ќе може да растеме, заедно со успехот во борбата со загадувањето.

За крај, Скопје во само три збора?

Финтаџиски, (скришно) богат, мој.