На кафе со Гораст Цветковски

Актер, програмер, страстен гејмер ко-основач си на Македонска асоцијација за развивање игри – МАГДА.

Како изгледа едно утро на Гораст Цветковски? Дали имаш некои утрински ритуали?

... и тоа многу. Прво пред да направам било што пијам млака вода + исцеден лимон + лажица јаболкова киселина. По 15 минути земам доза матичен млеч. После 15 минути го јадам мојот омилен оброк, палачинка од белки од јајце, овесни снегулки и нискомаслена изварка. Потоа денот може да почне. Од оваа рутина ретко отстапувам. ... ви реков дека се многу.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Пред 15 години беше лабаво лежење додека да почне денот, до пред 7 години беше лабаво станување за на проби во театар, во последниве 7 е будење деца, правење сокови, бирање патики, чорапи и убедување дека потребно е да се носат и гаќи. Но секогаш во глава ми е утро во рана пролет. Има уште малку слана. Мириса на чисто. Се слушаат гугутки. Ѕвони часовникот на моите родители за на работа, а јас знам дека имам уште 15 минути за спиење.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Хм... штета што нема повеќе снег во зима. Зимата е супер во Скопје. Нормално пролет и лето победуваат, но зимата е супер. Есен почнува школска година, а тоа ми предизвикува анксиозност некоја... уште од детство.

Омилена скопска викенд дестинација?

Скопска Црна Гора, Бродец или во дворот на моите родители во Бутел.

На Скопје му недостасува…

Широчина. Сакам Скопје да се шири експлозивно наместо имплозивно. Освен тоа му фали саем, гејмерски клубови, флиперници,... но ширењето го посакувам со години.

Ко-основач си на Македонска асоцијација за развивање игри – МАГДА, чија основна цел е промовирање на индустријата за развивање на видео игри во Македонија. Колку е развиен гејмингот во нашата земја, имаме ли сериозни гејмери?

Како што кажавте, МАГДА ги обединува развивачите, односно девелопери, односно програмерите на игри Гејмери обично не се тоа (но многу често се случува). Гејмери се и луѓе што играат, што се интересираат и што таа индустрија ја гледаат до некаде како хоби. Пасија. И да, во Македонија има многу гејмери, но и професионални играчи. Имаме многу луѓе кои игрите на конзоли, пц, игрите со карти и коцки, стрипови, игри со фигури,... им се пасија. Па така сите заедно се собираме секој понеделник од 21:00 часот на www.gg.mk каде со саати разговараме на таа тема, дискутираме со гледачи и уживаме во најважната споредна работа на светот.

Во моментов, која е најактуелна игра на која се “навлечени” скопските гејмери?

Како и секаде во светот се игра Fortnite, PUBG, Minecraft, DOTA2, CSGO, LoL,… тука не заостануваме воопшто.

Какви работни ангажмани те очекуваат наредниот период? Што може да очекува во новата година публиката на сцената на МНТ?

Почнуваме претстава. Текстот е комбинација од два блокбастер филмови па така има мирис на голем спектакл. Иако горам од желба да кажам кој работи и како се вика, но нема. Збор си е збор.