На кафе со Дејан Филиповиќ

 Д-р Дејан Филиповиќ, специјалист дерматовенеролог од Клиника за дерматологија

Како изгледа едно утро на доктор Дејан Филиповиќ?

Обожавам да останувам до доцна навечер, време во кое уживам во мирот и време кое си го посветувам себеси, зашто сите спијат и телефонот не звони. Наутро станувам рано, за да имам време, пред работа, првото кафе да го испијам дома во тишина и да направам план за дневните обврски, но најчесто, утрото ми поминува во брзање. Најмногу ги сакам утрата во викенд.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Кафето кај Пуно во маало. Метежот во сообраќајот и нервозните шофери. Возбудата што ја носи денот кој доаѓа.

Омилена скопска викенд дестинација?

Галери кафе, Трибека и ресторан Работнички. Ништо во Скопје, без Томе Корнер.

На Скопје му недостасува…

Скопје е градот каде сум роден, каде сум растел и каде сум се школувал. Градот каде сум ја доживеал првата љубов и првото разочарување, првиот неуспех, но и сите успеси. Не му фали ништо! Си го сакам својот град, каков си е, таков си е.

Скопје во само три зборови…

Наше златно Скопје.

Доктор Филиповиќ од каде страста кон дерматологија? Што беше клучно да се одлучите за специјализација во оваа област?

Токму дерматологијата, да. Најмногу заради тоа што тоа е наука која претставува област која тежнее да го мобилизира интелектуалниот потенцијал. Иако сите аспекти на медицината се интересни на свој начин, за мене дерматологијата е всушност најзабавна, затоа што е перфектна комбинација за мојата љубов кон интерната медицина и хирургијата. Поставувањето на правилна дерматолошка дијагноза е слично на решавање на една мистерија, а тоа е нешто што ме исполнува и возбудува. Интригантно е.

Како е да се работи на Клиниката за кожни болести во време на глобална пандемија? Дали беше тешко да се прилагоди работата на новонастаната ситуација?

Тешко не, но предизвик да. Лесно е да се работи, кога се сака професијата, без обзир на околностите, а секоја промена дава нови можности и искуства. Дури и во време на карантин, организиравме еден вид на теледерматологија, како би можеле да помогнеме на сите оние на кои имаат потреба од дерматовенеролог. Со добра организација се се може, така да многу брзо успеавме да влеземе во ритам со работа и на Клиниката за дерматологија.

Како и колку COVID-19 и времето кое го поминавме во карантин влијаеше лично врз вашето секојдневно функционирање? Како ги поминувавте карантинските денови?

Човек се навикнува на се. Секако дека карантинот остави свој траг врз секојдневното функционирање и промена на дневните обврски, но придонесе за посветување на задачите кои ме исполнуваат и прават среќен, како вежбањето, готвењето, читањето. Тука се нормално и сериите и филмот, во кои уживам, а имав време и да се посветам повеќе на спремањето на докторската дисертација и правење на план за функционирање по завршување на карантинските денови.

Кој е предизвикот кон кој ја насочувате вашата кариера во иднина?

Научниот труд ме исполнува, клиничките дијагнози се секогаш предизвик, но никако не можам да останам имун кон естетиката, односно козметската дерматологија, како ботоксот, филерите и сл.