На кафе со Александра Шијакоска

Македонската модна инфлуенсерка, основач на модниот бренд Шијакоска.

Како изгледа едно утро на Александра Шијакоска?

Најчесто го прескокнувам :). Тоа што сум голем спијач и што уживам да спијам си го гледам како една од најголемите маани. Утрото најчесто ми поминува во трчање лево - десно, со цел да стигнам на време на договореното. Речиси никогаш не доручкувам на утро, пијам само вода со мед и лимон и успевам да каснам нешто дури во 17 часот. Легнувам многу доцна и спијам малку за човек што сака да спие. Една од целите кои си ги имам зацртано за во иднина е да станувам рано и да водам поактивен и поздрав живот

Која е твојата асоцијација на битолско, а која на скопско утро?

На битолско се знае, кафе на Широк Сокак, тоа е битолски ритуал, на скопско не би можела да знам со сигурност не сум толку често таму.

Омилена скопска дестинација?

Омилено место во Скопје ми е Старата чаршија. Многу повеќе уживам да си седнам таму во некоја тесна уличка и да си слушам гласови од сите страни. Исто го сакам и Дебар маало.

На Битола и Скопје им недостасува…

Многу работи недостасуваат но да почниме од луѓе, млади луѓе кои ни заминаа барајќи подобри услови за живот и подобра иднина.

Скопје во само три зборови…

Светски, магичен..

Александра, од скромни почетоци до илјадници следбеници, многу успешни соработки и од неодамна твоја лична колекција. Кој е рецептот за успех на социјалните медиуми?

Има само еден рецепт за успех. Искреност, упорност и доследност. Секогаш кажувајте ја вистината, колку и да мислите дека на некој друг нема да му се допадне. Вистинските луѓе секогаш го препознаваат и ценат трудот и искреноста.

Колку време, труд, посветеност се потребни за да се создаде една добра фотографија за Инстаграм?

Ако зборуваме за квалитетна фотографија тогаш е потребно многу повеќе труд од колку што тоа изгледа. Од смислување концепт, детали, организирање, барање локации, комбинации, ангажирање на тим. 

Се соочуваме со глобална пандемија која драстично влијае на животот на сите нас. Дали новонастанатата ситуација донесе и нови навики во работењето и секојдневното реализирање  на обврските?

Секако дека ситуацијата ни го смени цел тек и на работата и на животот. Треба да сме многу внимателни, а условите во кои работиме се потешки. Можеме само да се чуваме, да ги почитуваме мерките и да се надеваме дека наскоро ќе го пребродиме и ова. 

Дали COVID-19 и периодот кој го поминавме во карантин беа идеален период за креативно остварување?

  И за креативно остварување и за подлабоко размислување за животот, за тоа дека треба да поминуваме повеќе време со фамилијата, со саканите, да го цениме животот и секој нов ден кој ни се пружа.

Кои се твоите следни работни предизвици?

Моментално размислувам на многу работни предизвици, имам многу идеи во главата кои сакам да ги остварам, но ќе одам чекор по чекор. За почеток спремање следна колекција. А најголемиот предизвик од се ќе ми биде да научам правилно да го менаџирам времето, да имам повеќе време за блиските и да си го зголемам тимот со вредни луѓе.