На кафе со Александар Митов

Магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето, еден од главните “борци” за подобрување на јавното здравје во Македонија. Посветен на своите пациенти со цел да успеат да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје.

Доктор Митов, како го започнувате денот? Дали имате некои утрински ритуали?

Почетокот на денот ми е резервиран за утринско кафе со сопругата. Без разлика дали е работен ден или викенд, така ни започнува секој ден - пиеме кафе и разговараме. Во суштина едноставен ритуал, но ми дава тон на остатокот од денот.

Како треба да изгледа еден здрав почеток на денот? Како до енергија во текот на целиот ден?

Важно е да се создаде навиката за утрински ритуал и секој сам да си одбере што му одговара. Има неколку едноставни правила како што се утринска хидратација и секако утринско овошје за добивање енергија за почетокот на денот.

Која е вашата асоцијација на скопско утро?

Сакам да го започнам денот со утрински состаноци со пријатели. За среќа, имам соработници со кои можам не само деловно, туку и пријателски да разговарам, па така утрата вообичаено ги почнувам полуработно.

Во кој период од годината Скопје Ви мами најмногу насмевки?

Без размислување – кога цветаат липите.

Како сакате да ги поминувате викендите во Скопје?

Дома, со семејството. Имам активна работна недела и го вреднувам времето кое можам да го поминам со моите најблиски. Викендите ми се целосно посветени на семејството.

На Скопје му недостасува…

Малку повеќе почит и грижа од оние кои живеат во него. Градот е одраз на неговите жители, не обратно.

На крајот, кои се вашите следни работни ангажмани, на што ќе работите во наредниот период?

Главниот проект на кој сум насочен моментално е ширење на мојата работа во соседните земји и пошироко. Веќе започнав со посети, ја ширам мрежата на соработници пред се во главните градови на соседните земји. За среќа, мали се јазичните бариери со соседството и може да се работи и на нивниот пазар.