На детето не му требаат сто активности: Она што му треба е трчање, природа и барем малку досада

Зошто родителите ги носат децата на толку многу активности? Да се одморат од децата или преку нив да ги реализираат сопствените проекти? На детето не му требаат сите тие активности, вам ви требаат.

Децата кои растат во градска средина се движат многу помалку од децата кои растат во селска средина, а движењето всушност е она што влијае позитивно врз развојот на мозокот.

На родителите неретко им пречи кога детето е преактивно, кога трча, кога скока и кога се качува секаде, но тоа всушност е многу добро за него. Она што не е добро за детето е што го носиме на разни активности кои ние сме му ги смислиле, со цел детето квалитетно да го поминува времето.

Што ќе се случи ако детето го носиме на англиски, на ритмика, на пливање, на часови по гитара...? детето нема да има време да го прави она што тоа го сака. Нема свое време. Додека седи мирно и учи нешто, детето не се движи. Дoдека го поминува времето окупирано со активности за да ги исполни различните желби на родителот, детето го нема потребното време да се досадува коe е неопходно да се развива неговата креативност и фантазија.

Пуштете ги децата сами да ги бираат активностите што ги сакаат, да им проработи фантазијата низ досадување, да трчаат по паркови и да бидат „напорни“.

Ни купувањето премногу играчки не е добро затоа што се додека детето има нешто ново за играње што вие му го купувате, нема да мора да го употребува својот мозок за да создаде некоја нова идеја... Како што не е добро да ги правите сите работи за вашето дете, така не е добро ни секој ден да му купувате нова играчка.

Ова е нешто на што родителите треба да поработат, а најмногу оние кои едвај се воздржуваат да не земат некоја ситница од продавница.

Сакаме нашите деца да бидат паметни и со здрав мозок? Тогаш, треба да поработиме на две работи:

  • Досада

  • Движење

Психолозите со години предупредуваат дека децата денес имаат когнитивни проблеми, дека не можат да се концентрираат, додека педијатрите забележуваат дека се поголем е бројот на деца со рамни стапала. А зошто имаат рамни стапала?

Затоа што не се движат доволно! И затоа што родителите ги штитат на секаков начин од одење со боси нозе. Еве на пример, влечките и сандалките за на плажа за децата се сосема непотребни. Тие треба боси да газат по песокот затоа што нема подобро нешто од тоа да се боси и да трчаат.

Децата кои живеат во селска средина се многу поактивни и прават многу повеќе чекори во текот на денот. Дел од активностите како што се трчање и играње со куче, собирање овошје, собирање листови и цвеќиња, копање дупки... ја развиваат нивната мототрика, ги прават снаодливи и го јакнат телото. Додека со децата кои живеат во градовите ова не е случај. „Градските“ деца живеат еден посмирен живот исполнет со разноразни активности кои најчето им ги осмислуваат родителите и се постојано под притисок од работите кои се бараат од нив да ги направат. Ваквите очекувањата го оптеретуваат детето а тоа влијае врз неговиот нервен систем. Една од најлошите работи што може да му се направи на тоа мало главче е да го оптеретуваме со активности кои нам ни прават задоволство и за кои сметаме дека ќе му помогнат на детето во иднина. Оставете го детето само да си одбере една активност на која сака да се посвети и не го терајте да го прави она што за вас е супер.

„Го запишавме детето на часови по карате“-вели една мајка чиешто дете оди и на часови по англиски и на часови по гитара. Сите три активности се веднаш по градинката или за време на викендот. „Баш тоа и ми треба, не знам инаку како ќе излезам на крај со него“. Ова најчесто го прават родителите за себе. Да се одморат и да не мораат да се занимаваат со детето.

Затоа е се помал бројот на деца во парковите по завршување на градинката. Зашто се некаде во затворен простор и нешто учат. Тоа продолжува и во основно и во средно школо.

Одлично е ако детето само изрази желба за некоја активност, и секако, треба да му бидете поддршка во тоа и ако можете да учествувате во тие активности.

На некои родители целта им е детето да биде суперуспешно, некои само сакаат да поминуваат што помалку време со своето дете затоа што и самите се преморени, а за психофизичкото здравје на детето добро е спротивното: пуштете ги децата сами да ги одбираат активностите, низ досада да им проработи фантазијата, да трчаат по паркови, носете ги во село и оставете ги да бидат „напорни“.

Така е потешко, но подобро е за нив.