На денешен ден Тоше го одржа последниот концерт и го создаде последното ѕвездено небо во Скопје

На 5 октомври 2007 година, Тоше Проески го одржа својот последен концерт во Македонија, на Градскиот стадион во Скопје.

Пред повеќе од 20.000 луѓе, пејачот настапи во рамките на хуманитарен концерт чија цел беше подобрување на условите во македонските основни училишта.

Концертот беше организиран во соработка со УСАИД, под мотото „Образованието е одговорност на сите“. Влезниците чинеa 200 денари, а собраните средства биле наменети за петгодишен проект за основното образование. Со средствата подоцна биле реновирани околу 100 училишта во земјата.

На концертот Проески ги изведе песните од својот тогаш актуелен албум „Игри без граници“, но и најпознатите песни од дотогашната кариера. Настапот траеше околу два часа, а публиката во текот на целата вечер ги пееше неговите хитови во еден глас. 

Еден од моментите што остана запаметен е кога стадионот беше осветлен со телефоните на публиката. Илјадници светла создадоа слика налик на ѕвездено небо, а Тоше беше воодушевен. 

„Вклучете ги телефоните, повторно направете ѕвездено небо!“, им рече тој на своите фанови. 

Само 11 дена подоцна, на 16 октомври 2007 година, Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа во Хрватска. Имаше 26 години.

Тоа беше неговиот последен концерт пред македонската публика и една од последните големи средби со публиката пред неговата прерана смрт. Воедно, концертот остави и убав гест и резултат зад себе – средствата собрани таа вечер беа вложени во подобрување на условите за образование на децата во Македонија.