На денешен ден е роден Сергеј Михајлов, човекот кој пред еден век ја донесе операта во Македонија

На 31 август 1885 година во Харков е роден Сергеј Михајлов, музички педагог и композитор кој подоцна ќе остави длабока трага во музичкиот живот на Македонија, особено во Штип.

Во овој град, тој ќе помине најголем дел од својот живот и ќе стане еден од луѓето заслужни за развојот на организираното музичко образование и оперската традиција во земјата. 

Михајлов потекнувал од добро ситуирано семејство и уште како дете се образувал во музичко училиште. Во Харков учел музика кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. По смртта на родителите, неговиот живот добил поинаков тек. Преку Кавказ и Цариград стигнал до Солун, а потоа се преселил во Гевгелија, каде работел како музички педагог. 

Од Гевгелија заминал во Штип, каде што во 1920-тите започнал да го гради она што подоцна ќе стане значаен дел од музичката традиција на градот. Михајлов го формирал музичкото училиште и со децении работел како негов директор и педагог. Во него образувал генерации млади музичари, а неговата работа постепено го подигнувала нивото на музичкиот и сценскиот живот во Штип. 

Еден од најзначајните моменти во неговата кариера дошол на 29 август 1925 година. Во тогашниот Офицерски дом во Штип била изведена операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало. Михајлов бил диригент и клавирски придружувач, а во претставата учествувале солисти од Штип и рускиот емигрант Андреј Шчербаков, заедно со градскиот хор „Единство“. Настанот се смета за прва изведена опера во Македонија

Претставата била 201. по ред во историјата на тогашниот штипски театар и имала уште три изведби. За неа пишувал и тогашниот печат, кој ја бележел како прва оперска претстава во Штип и во тогашната „Јужна Србија“. По „Палјачи“, во Штип во следните години биле поставени уште низа опери и оперети, меѓу кои „Фауст“, „Севилскиот бербер“, „Мамзел Нитуш“ и „Гејша“.

Но, Михајлов не бил само организатор на музички претстави. Во 1924 година, додека живеел и работел во Гевгелија, ја напишал операта-бајка во четири чина „Принцезата Ружа“. Таа претставува уште еден дел од неговото творештво и покажува дека неговиот интерес не бил ограничен на интерпретацијата и музичката педагогија.

Михајлов останал во Штип до крајот на животот. Починал на 19 ноември 1975 година, на 90-годишна возраст. Во својот тестамент својот имот го оставил на музичкото училиште и наменил средства за стипендирање музички надарени деца. Неговата поранешна куќа денес е поврзана со музичкото образование во градот, а државното средно музичко училиште го носи неговото име. 

Денес, сто години по премиерата на „Палјачи“, името на Сергеј Михајлов останува поврзано со еден од важните моменти во историјата на македонската музика. На 31 август се навршуваат 141 година од неговото раѓање, а само два дена претходно се одбележува годишнината од операта со која Штип влезе во историјата на македонската музичка сцена.