На чија сметка и со каква цел се менуваат имињата на улиците во Скопје?

Повторно ќе се менуваат имиња на улици, плоштади, мостови и други објекти. Град Скопје со предлог листа од 570 имиња, меѓу кои „Лева Патика“, „Бис Без’ „Медена Земја“, „Дејвид Боуви“, „ Квин“. Ќе има улици кои ќе се преименуваат по името на новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазаревска, спортистите Атина Бојаџи, Благоја Георгиевски – Боштур, писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески. Советниците во градското Собрание деновиве ќе ги гласаат предложените називи. Се враќаат и стари имиња на улиците иако дел од нив беа пред само неколку години преименувани. Граѓаните сметаат дека се работи за политика, а не суштинска потреба од менување на имињата. 

Таксистите кои постојано се низ градот велат секоја промена за нив е проблем бидејќи губат многу време во учење на новите имиња. 

Дел од скопските улици ќе ги носат имињата на личности како Дукаѓини Лек воен водач, албански благородник, Колиќи Ернест (1903-1975), Министер за образование на Албанија, Шуку Халим, делегат во втората Призренска лига. Градоначалник на Урошевац.

Предлог има и за улица Нивици, името на местото каде се потпиша Преспанскиот договор. 

Опозицијата обвинува, наместо да се градат улици, мостови, тунели, градоначалникот ќе става нови имиња кои немаат врска со македонската историја ниту со главниот град. 

Во Законот за лична карта член 8 пишува дека секој граѓанин кој ќе промени живеалиште или ќе изврши промена на лично име му се издава нов документ. 

„При промена на адресата на станот на живеалиштето, граѓанинот е должен во рок од 30 дена да поднесе барање за замена на личната карта со нова.“

Членот 15 од истиот закон, став 6  предвидува и казна за граѓаните кои нема да ја променат личната карта. Ќе платат од 20 до 80 евра.