На 30 локации во државата се доделуваат ваучери за купување инвертер-клими

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека во добар ред и согласно предвидената динамика започна доделувањето на вредносни ваучери за домаќинства за купување и поставување на инвертер клима-уреди. Денеска, навремено беа отворени сите 30 локации низ државата, кои се предвидени за полесно и поефикасно доделување на ваучерите.

Локациите се достапни за граѓаните од 9 до 17 часот, при што може да ги подигнат ваучерите. Министерството ги извести добитниците на ваучерите преку медиумите, веб-страницата на Министерството и преку СМС-пораки дека доделувањето се одвива по следниов распоред:

• Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ од 9 до 17 часот

• Битола – Спортска сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот

Во останатите градови, подигнувањето на ваучерите е организирано во центрите за вработување, за што Министерството склучи меморандум за соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Министерството изразува задоволство од големиот интерес на граѓаните и тоа што голем број од добиниците пристигнуваат да ги подигнат своите ваучери. Процесот тече непречено, благодарение на ангажирањето на сите расположливи капацитети и кадар на Министерството за ефикасно, брзо и адекватно доделување на ваучерите.

Министерството внимателно го следи процесот и во оваа прилика сака да ја информира јавноста дека и во текот на утрешниот ден ќе има доделување на ваучери на истите локации во Скопје и Битола. За граѓаните кои нема да можат да ги подигнат ваучерите, обезбедена е дополнителна флексибилност – тие ќе можат да ги подигнат ваучерите до крајот на месецот во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.