На 11 септември 1943 година, само три дена по капитулацијата на Италија, партизанските единици влегле во Кичево и градот за првпат бил ослободен од окупаторската власт.

Со тоа Кичево станало првиот ослободен град во Македонија во текот на Народноослободителната борба.
Во Кичево влегле единиците на Првиот кичевски и Вториот мавровски одред, а следниот ден во градот пристигнал и Првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“. Со нивното влегување била создадена поширока слободна територија што се протегала од Буковиќ до Ботун.
Веднаш по ослободувањето била воспоставена и народна власт. Од 11 септември е зачувана и „Објава бр. 1“ на Штабот на Првата оперативна зона, со која граѓаните биле известени дека Кичево е преземено од Македонско-албанската народноослободителна војска и партизанските одреди. Во документот биле дадени и наредби за одржување на редот, работа на продавниците и функционирање на новата власт.
Ослободувањето, сепак, не значело дека Кичево трајно останало слободно. Првата слободна епизода траела 21 ден, по што градот повторно бил окупиран. До конечното ослободување во 1944 година, Кичево уште неколкупати ја менувало контролата.
Особено значење имало создавањето на слободната територија околу Кичево. Во услови на ослободена територија биле организирани органи на народната власт, политички активности и курсеви, а во селото Подвис било отворено и првото училиште на македонски јазик на оваа слободна територија.
Од тој период останала и една од најпознатите архивски фотографии од Кичево. На неа се гледаат борци на Првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“ во ослободениот град во септември 1943 година. На транспарентот стои порака за братството на македонскиот и албанскиот народ.
Кичево денес го одбележува 11 септември како Ден на ослободувањето на градот. Датумот останува запишан во историјата на Македонија како денот кога, во 1943 година, за првпат бил создаден ослободен град и слободна територија во услови на Втората светска војна.