МВР со првични информации за убиството во Бутел

Едно лице е убиено, а друго е рането во синоќешната престрелка во скопски Бутел 2. Двајцата се наоѓале во возило „голф“, а кон нив било пукано од друго возило. Се се случувало брзо. Лекарите од Итната помош не успеале да сторат ништо за едниот од застреланите и покрај обидите, неговиот сопатник е тешко повреден и во моментот е на скопските клиники „Мајка Тереза“.

Синоќа немаше полициски час. 

Полицијата најавува повеќе детали за денеска. Првичните информации се дека настанот се случил на паркинг кај раскрсницата меѓу булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“.

- Во СВР Скопје околу 22.00 часот е пријавено дека на паркинг кај раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” од едно патничко возило биле испукани проектили кон патничко возило „голф“, во кое имало две лица, по што биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза” за укажување на лекарска помош. Едното лице им подлегнало на повредите. Увидна екипа е на терен и се работи на расчистување на случајот, изјавија од МВР доцна синоќа.

Инаку според првичните информации убиениот е извесен К.И. По пукањето на местото на настанот беа присутни голем број полициски службеници.