МВР се огласи по повод „наводниот киднапер“ околу средно училиште во Скопје

МВР најостро ги демантира лажните вести кои денеска се проширија по социјалните мрежи во врска со наводен киднапер, кој наводно се движел околу средното музичко училиште во Скопје.

-Ниту има пријава за такво лице до полицијата ниту има пријава дека некое лице е киднапирано. И лицето кое ја пласираше оваа лажна вест, ја повлече и јавно објави дека станува збор за лажна вест. Пласирањето на ваквите лаги е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, а за жал зачестено се пласираат последниов период, се вели во соопштението од МВР. 

Оттаму рекоа дека лицето кое ја пласирало оваа лага ќе биде повикано во полициска станица и до надлежното обвинителство ќе биде поднесен соодветен поднесок против него.

-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви лаги. Исто така, им благодариме на медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции, велат од МВР.