МВР набави нови возила со вградени камери и радар - моментално ќе ги документираат прекршоците

Министерството за внатрешни работи (МВР) набави нови специјализирани возила за мобилно мерење на брзината – современи „Форд“ модели опремени со интегрирани радарски системи, камери со висока резолуција и софтвер за моментално лоцирање и документирање на прекршоци.

Овие полициски возила ќе патролираат низ целата држава и ќе детектираат пречекорување на дозволената брзина во градски средини, на регионални патишта и на автопат.

Засега од МВР нема информации кога системот би бил ставен во редовна употреба.

Исто така, не е познато ниту дали прекршителите ќе бидат запирани на лице место или казните ќе им бидат доставувани по пошта, како со постојниот „Safe City“ систем.

Инаку, мобилните радари од овој тип веќе се користат во повеќе европски земји и се покажуваат како ефикасни во намалување на сообраќајните прекршоци.

Фотографијата од внатрешниот изглед на овие возила сподели вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по посетата на објектот, каде што е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City), по повод почетокот на пробниот период во кој сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат известување за сторениот прекршок.

Со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.