МВР и РСБСП со апел: Вози одморен - совесно, одговорно и безбедно!

МВР и РСБСП продолжуваат со превентивните активности во рамки на кампањата „Вози одморен!“, а денеска, во пресрет на Илинден, беа спроведени активности во Прилеп, соопшти МВР.

Пораките и советите кои МВР и РСБСП од Прилеп ги упатуваат до сите учесници во сообраќајот се пораки за совесно, одговорно и пред сѐ безбедно учество во сообраќајот за време на овој продолжен викенд, но и понатаму.

– Искуството и статистиката од минатите години покажуваат дека ова (јули/август) е најризичниот период од годината кога е во прашање безбедноста во патниот сообраќај. Интензитетот на сообраќајот повеќератно се зголемува, температурите се на највисоко ниво,а со тоа се зголемува и ризикот и опасностите во сообраќајот. „РСБСП ги потсетува возачите дека единствениот услов за безбедено одвивање на сообраќајот за време на продолжениот викенд и празничните денови е максимално да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се почитуваат правилата за ограничување на брзината и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол. Само така ќе бидете сигурни дека безбедно и на време ќе пристигнете до саканата дестинација, изјави во Прилеп, Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.

Дел од пораките на МВР И РСБСП за претстојниот продолжен викенд се „Не се однесувате агресивно во сообраќајот“, „Немојте да возите слалом, да пристигнувате на полна линија или да пристигнувате колона на возила“, „Бидете фокусирани и концентрирани во сообраќајот и не користете мобилен телефон за време на управувањето со возилото“, „Држете безбедно растојание помеѓу возилата“, „Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот – возач, мотоциклист, велосипедист или пешак, најважен услов да пристигнете безбедно до саканата дестинација е да не учествувате во сообраќајот под дејство на алкохол и психотропни супстанции“, „Возете одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето“.

– Апелирам до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни, да возат внимателно и на тој начин да останат безбедни во сообраќајот. За оние кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, следуваат санкции. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 537 возачи поради пребрзо возење, а од нив 60 на територија на СВР Битола. Синоќа пак, поради возење под дејство на алкохол санкционирани се 99 возачи, а само на територија на СВР Битола 45. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и сите кои се однесуваат спротивно на сообраќајните правила и прописи ќе бидат санкционирани. Целта е, секако, побезбеден сообраќај за сите –рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешниот настан во Прилеп.