МВР ги казни возачите кои поради свадба блокирале булевар во Скопје

Четворица возачи се санкционирани откако со своите возила го попречиле сообраќајот на булеварот „Јане Сандански“ во Скопје, во случај поврзан со свадбена колона.

Од МВР информираат дека постапиле по видеото кое било споделено во дел од медиумите, а на кое се гледа како неколку возила го блокираат сообраќајот на булеварот.

Денеска, 11 октомври, во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје биле повикани четири лица – Д.Г. (28), кој управувал „ауди“, М.П. (25) со „бмв“, Љ.Б. (48) со „ауди“ и С.С. (23) со „сузуки“. Сите возила биле со скопски регистарски ознаки.

Кон возачите се преземени соодветни мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за сторен сообраќаен прекршок.

Од МВР информираат дека лицата ќе се соочат со законски предвидените глоби.