
Министерството за внатрешни работи соопшти дека проектот „Безбеден град“ е ставен во функција и веќе дава конкретни резултати во подобрувањето на безбедноста во сообраќајот.
Според податоците на МВР, во периодот од февруари до јуни годинава бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40 проценти во споредба со истиот период лани – од 55 жртви минатата година на 34 годинава.
Од почетокот на примената на системот се евидентирани повеќе од 130.000 сообраќајни прекршоци, при што над 95 проценти од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина.

Од МВР посочуваат дека овие бројки покажуваат оти најголемата опасност на патиштата не се камерите, туку неодговорното возење.
„Продолжуваме со имплементацијата на системот низ целата држава, бидејќи нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите. „Безбеден град“ е технологија што спасува животи. Безбедноста нема алтернатива“, порачаа од Министерството за внатрешни работи.