Муцунски: Укинавме две градежни маркици и донесовме одлука наместо кафеана да се изгради детска градинка

Денеска на моја иницијатива Советот на Општина Аеродром на седница донесе одлука за изградба на нова градинка во склоп на основното училиште „Блаже Конески“. Ова на својата фејсбук страна го објави градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

На седницата Советот на Општина Аеродром донесе одлука за изградба на нова детска градинка на местото на кафаната во училишниот двор на ОУ „Блаже Конески“. Ова беше еден од најголемите проблеми на мичуринци во предизборието, па затоа ставивме приоритет во неговото решавање. Повеќегодишниот проблем на граѓаните со места во градинките конечно се решава и граѓаните можат да бидат спокојни, напиша Муцунски на фејсбук. 

Тој додаде дека на денешната седница советот на општина Аеродром донел одлука за укинување на две градежни маркици на потегот помеѓу Перла Бјанка и Маркет ЗУР и наместо колективни згради ќе се предвиди парковско зеленило.

Со овие одлуки Општина Аеродром јасно става на знаење дека потребите и мислењето на граѓаните се и наш приоритет и дека со нас како локална власт имаат партнер во решавање на сите проблеми, потенцираше Муцунски. 

Интензивно работиме на многу нови проекти од општ и јавен интерес. Правиме сè за поубава и зелена општина и ги остаруваме проектите кои ги ветивме во предизборниот период за да ја оправдаме поддршката од граѓаните, заклучува тој во својата фејсбук објава.