Муцунски: Постои начин како урбанизацијата која е веќе озаконета, да се реализира на еден похуман начин

Тимчо Муцунски, новиот градоначалник на Општина Аеродром во интервју за порталот ПлусИнфо вели дека иако формално сè уште не е градоначалник, се подготвува за реализација на дадените ветувања, затоа што, како што вели, втора шанса за прв впечаток нема. 

За ветувањето за Аеродром - зелена општина тој вели: 

-Тоа е веројатно еден од најголемите предизвици, но предизвик кој со сериозна работа брзо може да биде решлив. Потребно е да се направи сериозна ревизија за урбанизација на општината. Согласно информации кои ги видов во медиуми, претходниот градоначалник издал 22 градежни дозволи во последните денови од својот мандат. Ќе треба да се утврди дали е тоа вистина, а потоа и да се оцени дали дозволите се издадени законски. Но и доколку сè е во ред со дозволите, постои начин како урбанизацијата која е веќе озаконета, да се реализира на еден похуман начин. Ќе мора да се применуваат и правилата за задолжителен процент на зелена површина, кој досега инвеститорите не го почитуваа. Не може поставувањето на жардињери на терасите да се смета како некакво зазеленување. Веднаш ќе мора да пристапиме и кон изградба на два парка во општината. Едниот ќе биде изграден кај Реонски центар, односно на локацијата каде претходната власт планираше да ја смести новата зграда на општината. Вториот парк ќе се најде на потегот меѓу зградата на ФФМ и Паркот на авионите, со што ќе се добие голема зелена површина на повеќе од 100.000 квадратни метри. Тоа ќе биде вториот парк по големина во Скопје, веднаш по Градски парк.