Муцунски: Наша задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски учествуваше на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026, која се одржува во Будимпешта, Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

Тој упати благодарност до Унгарскиот институт за меѓународни работи за поканата.

- Во дискусијата нагласив дека во услови на засилени безбедносни и геополитички предизвици владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички, бидејќи соработката е единствената реална опција.Потсетив дека државата го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ заедно со Хрватска и дека во изминатите години направивме сериозни национални отстапки. Нашето општество е силно проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив, порача Муцунски. 

Додава дека задача на земјава е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија. 

- Воедно ја нагласив стратешката важност на Коридорите 8 и 10, како од безбедносна така и од трговска перспектива, како и значењето на односите со Унгарија, со која имаме договор за стратешко партнерство. Унгарија ја гледаме како важен пријател и поддржувач на нашиот европски пат. Наша задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но истата таква предвидливост и кредибилност ја очекуваме и од земјите членки, вели Муцунски. 

Министерот Муцунски се обрати заедно со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, и заменик-претседателот на Владата за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.