Муцунски ја поздрави акцијата за заловување на бездомните кучиња

Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски ја поздрави акцијата за заловување на кучињата-скитници на територијата на општината која следи како резултат на неговата реакција во јавност.

-Се надевам и истовремено упатувам апел до ЈП „Лајка“ оваа акција да биде почеток на едно системско решение со кое долгорочно ќе се реши овој проблем во Аеродром порача денеска Муцунски. 

Акцијата за заловување на бездомни кучиња, организирана од тимот на јавното претпријатие „Лајка“, започна вчера.

Целта на акцијата е кучињата да поминат хуманитарниот третман. Како што информираат од „Лајка“, со акцијата оваа недела ќе бидат опфатени селата Долно и Горно Лисиче, реонот на улицата „Тодор Чангов“ и населба Лисиче, а следната седмица таа ќе се спроведува во населбите Ново Лисиче, Јане Сандански, Стар Аеродром, Мичурин и Острово.

- Заловувачкиот тим ќе го залови секое бездомно куче што ќе го сретне во овие реони, а кое го нема поминато хуманиот третман. Доколку граѓаните од гореспоменатите населби имаат бездомно куче кое сакаат да го посочат на тимовите, нека се јават на 02 256 5859 / 071 219 925 или нека пријават на info@lajka.com.mk, соопштуваат од „Лајка“.

Од Општината информираа дека Аеродром се соочува со најголем број на пријави за инциденти со каснувања од кучиња скитници.