Муцунски: Искуството, животот и знаењето од светските метрополи ќе ги имплементирам во Аеродром која ќе биде најдобра oпштина во Македонија

Опозициската ВМРО ДПМНЕ во текот на минатата недела преку соопштение ја информираше јавноста дека нејзин кандидат за овие локални избори е младиот, но политички искусен Тимчо Муцунски.  И веројатно оваа вест за многумина беше изненадување, затоа што неговото име воопшто не беше споменувано во изминатиот период кој пак беше исполнет со многу шпекулации и политички калкулации.

Навидум млад, но исклучително познат за јавноста преку  значајните политичките позиции кои ги имал изминатиот период. Познат и на студентите преку секојдневните обврски како професор на правниот факултет во Скопје. Муцунски има 32 години, актуелно ја извршува позицијата меѓународен секретар на ВМРО ДПМНЕ, а вработен е како редовен професор на правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје. Во изминатиот период често е активен и актуелен на многу странски универзитети и меѓународни семинари.

Но, веројатно поинтересниот дел е приватниот живот на Муцунски за кој денес разговараме во кратко интервју.  

Инспиративен и концизен, вистинскo задоволство е да се разговара за политика и приватен живот со млади и реализиран политичар, а да бидеме искрени се помалку ги има такви во македонската политика. 

Животот го носел Муцунски низ светските метрополи. Но, како што вели тој, каде и да одел, секогаш се враќал во Аеродром. Долги години со своето семејство живеел во Њујорк и Отава. Токму ваквите искуства и неговото знаење стекнато во странство може да го имплементира во неговата општина Аеродром. За него, оваа општина има посебно значење. Многумина не знаат, но тој како млад има завршено основно училиште во Љубен Лапе, а дел бил и од кошаркарската школа на МЗТ Скопје, симболот на Аеродром.

Тој е фамилијарен човек кој подолго време живее во Аеродром, сопруг на Симона и татко на тригодишниот Иан. На социјалните мрежи се добива впечаток дека и покрај сериозните обврски во политиката и на факултет, често посветува време за своето семејство, за прошетки низ парк и за откривање на убавините на Македонија.

Муцунски вели дека семејството и времето поминато со него имаат посебно значење и важно место во животот.

Го прашавме каде го гледа предизвикот за влез во оваа политичка трка.

Без многу двоумење Муцунски вели дека Аеродром е една од најзапоставените општини во последните четири години.Тешко се набројуваат проблемите и за тоа ќе треба многу време, додава тој. Децата немаат хигиенски средства во училиштата, општината е нечиста, нема развојни проекти, додава тој и затоа ветува амбициозна и остварлива програма кој заедно со неговиот тим ќе направи од Аеродром да биде општина, пример за Македонија.

Сите проекти кои во следните неколку недели ќе ги понудиме ќе бидат остварливи и ќе посветиме целосно истите да бидат имплементирани за доброто на жителите на оваа општина, истакнува Муцунски. 

На кратко вели дека неговата визија е Аеродром да биде општина без корупција, а за подобра животна средина веќе има сериозна поддршка од германски експерти кои треба да помогнат во остварување на таа цел.