МТСП: Вонреден инспекциски надзор во градинката каде на децата им се пушта несоодветна музика

Министерството за труд и социјална политика одлучи да спроведе вонреден инспекциски надзор во градинка во скопски Карпош откако порталот „Слободен печат“ објави видео од тоа како децата поттикнати од воспитувачката се „забавуваат“ со српска турбо фолк музика.

-Во врска со информациите, што беа објавени во порталот „Слободен печат“, дека во детска градинка во Општина Карпош на децата им се пушта несоодветна музика, Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека веднаш ќе испрати вонреден инспекциски надзор во соодветната установа за згрижување и воспитување на децата, соопшти МТСП.

Од таму потенцираат дека јавните установи за згрижување и воспитување на деца работат врз основа на Програма за рано учење и развој која воспитно – згрижувачкиот кадар е должен да ја спроведува.

-Надлежните  инспекциски служби ќе ја утврдат фактичката состојба околу спроведувањето на Програмата, по што ќе предложат соодветни мерки, соопштија од МТСП реагирајќи брзо по објавата на „Слободен печат“.​