Мото протест: Правда за Гоце кој загина кај „Млечен“

Денеска од 12 часот од пред „Веро“ во Тафталиџе ќе започне мото протестот против неказнивоста за сторителите на тешки дела во сообраќајот.

Причина за овој протест е условна казна за Васил Чорбаџиев, судски прогласен виновник за смртта на мотоциклистот Гоце Димитриевски од Тетово и тешки повреди на неговата сопруга Наташа, која поради тоа го изгуби и нероденото бебе (септември 2020).

Повод е последната одлука на Советот на јавни обвинители кој, како што стои во најавата за протестот, не најде вина кај обвинителката што го водеше случајот пред судот (декември 2020).

- Со мото протестот, ние, мото клубовите и поединци од Македонија, сакаме да ја предупредиме јавноста и институциите дека владее недозволива неказнивост на сторители на тешки кривични дела кои завршуваат со смрт во сообраќајни несреќи каде инволвирани се мотоциклисти. Сообраќајните незгоди можат да му се случат на секого, вклучувајќи не и нас мотоциклистите, но секој треба да одговара за своите постапки. Во изминатите години сме сведоци на многу случаи во кои мотоциклисти гинат на патиштата низ Македонија, а одговорните лица не ја добиваат заслужената казна. Изрекување на казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај Млечен, каде загина еден човек и неговото неродено бебе, а неговата сопруга беше тешко повредена, е НЕДОЗВОЛИВА судска пракса. Судиите кои носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи, треба да знаат дека со таков тип НЕКАЗНИВОСТ, директно поттикнуваат натамошно ДИВЕЕЊЕ во сообраќајот, кое доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите. Затоа овој мото протест е и ОПОМЕНА до судовите и обвинителствата која треба да им биде повод да СЕ ПРЕИСПИТААТ зошто се носат судско-обинителски одлуки што доведуваат до НЕКАЗНИВОСТ. Мото протестот истовремено е и АПЕЛ до Апелационите судови, вклучувајќи ја и скопска Апелација, да ја преиспитаат пресудата за нашиот брат Гоце настрадан кај Млечен, но и сите други пресуди каде има тешки последици, а има судски одлуки кои се практично НЕКАЗНИВОСТ, стои во најавата за протестот