„Молчи и не линчувај! Надвор е кочина“ - Калина Коси „покоси“ со својата фејсбук објава

Калина Коси, виртуелната гласноговорничка, и овој пат „без влакна на јазикот“! Сета реална слика околу трагедијата која ја потресе Македoнија ја срочи во една фејсбук објава. 

Родителите, државата, децата, јавниот линч...

Иако подолга, објавата на Коси „ја покоси“ реалноста и вреди да се прочита! 

Ви ја пренесуваме во целост: 

- Следам што се случува, читам, гледам и многу сум погодена. Фросина ја исплакав повеќе пати и сочувствувам со нејзиното семејство. И јас имам девојче. Го разбирам и гневот и револтот на јавноста, легитимен е. Ама свеста и совеста ме носи и на друго место. Таму каде што повеќето луѓе забораваат да погледнат обземени од лутина. Таму каде што творците на овој трулеж од држава не сакаат да погледнеме, па смислено и плански ни го одвраќаат погледот и ни го вртат само и исклучиво кон судијата, кон убиецот, кон казните, кон родителите...

Знаете како велат „Во Германија ако е дозволено 50, вози 48 на саат, а овде беснее“? Така е зошто Германија е држава, а Македонија трулеж! Германија е систем, а Македонија хаос! Во вакви случаи колку што е важно какво било детето и какви биле родителите, уште поважно е каков е системот или општеството во кое живееме. Каде е вината? Кај СИТЕ! Кај родителите на прво место! Тврдам дека ниту еден родител не би сакал да има дете како ова што уби друго дете, никој! Сакам да верувам и дека се обидувале да го изведат на прав пат откако скршнал, како што би направил скоро па секој родител. Верувам и дека грешеле во воспитувањето, како што греши и секој родител. Ама кога воспитуваш дете во ваква држава, тогаш си САМ!

Дома гланцни го, светни го до бескрај, наполни му ја главата со најдобрите совети, направи го најчесното дете на свет. Тоа можеш дома, да. Ама еден ден ќе мораш да го пуштиш и надвор. Во оваа КОЧИНА од држава, ќе го пуштиш такво чисто и светнато и недопрено. И? Какво ќе ти се врати дома? Извалкано, или во најмала рака, разочарано од се што од неправда видело и чуло. Воспитувај ти колку сакаш, ако градинката не воспитува исто, џабе ти е, ако училиштето не воспитува исто, џабе ти е, ако судот не суди исто, џабе ти е, ако полицијата не се грижи за децата исто, џабе ти е, ако на политичарите не им е гајле за децата, џабе ти е. Влегувам во системот и тука се поставуваат милион прашања кои луѓето забораваат да си ги постават: Зошто за исто дело со исти последици некому условна, некому 6 месеци, некому доживотна?

Каде се едукациите за деца за безбедност во сообраќај, за ризици, за тоа како се минува на пешачки? Ги гледам и мака ми е, секое второ дете или пишува пораки на мобилен, или претрчува и не гледа десно лево или носи слушалки додека преминува улица! Каде се билборди за млади возачи за пиење и возење во исто време, за втерување страв од последици и освестување? Зошто такси услугата дозволивте толку многу да поскапи, да не може дете ако се напие, кола да батали, со такси дома да си дојде? Зошто не се осветлени пешачките премини? На кого му текна на Партизанска каде што треба да гледаш дали има пешак, дрвореди да прави? Каде се сообраќајците да вртат по главните булевари, не неколку дена после тешка сообраќајка, туку секој божји ден, 365 дена у годината, па да видиме тогаш дали некое размазено или не знам какво дете ќе вози пијано, дрогирано, брзо или без возачка? Без возачка, да, му текнало на некој да ја намали цената за полагање на возачка дозвола?

Свесен е некој дека има фамилии што немаат да платат 1000 евра за цела процедура (сосе 5-6 пати буткање градска)? Зошто ја дозволивте онаа глупост од 16 години одлично дете или како беше, да може да полага и вози? Што не ја мрднете границата на 21? Кога веќе гледаме дека полнолетни до 21 имале посебен третман по закон, нека има исклучок и за возачка.

Каде се легнатите полицајци? ..... Каде? Зошто? Како? За дрогата. Ми се гади веќе од наивни коментари. Ќе ми кажете дека полицијата не знаела дека некое детиште таму у маало со години дилало дрога и труело други деца? У моментов додека пишувам, полицијата точно знае каде, за кого и кој, со име и презиме, дила дрога и ги труе и нашите деца! Едно дете ќе затворат, друго ќе пуштат на негово место. Па со подземјето после профитите ќе си ги делат. И скоро 35 години така. Не бидете наивни! Не се станува деликвент само од дома. Не ја садат дрогата децата у двор дома, некој ГОЛЕМ им ја дава, на тој голем детево профитот му го дава, го лаже со повеќе од минималец 22 илјади со кои ни стаорец не може да преживее а камоли нормално да живее, големиот го штитат уште поголеми.

Во мафијашки држави како нашата, системот ни ги прави децата деликвенти зошто ни ги злоупотребуваат за профит! За профит од дрога, од спортско обложување, од коцкање! Бедата е што во случајов дури и Фросина, и едните и другите, од двете страни, ја злоупотребија за популизам, меѓусебно обвинување и политички поени! Секој еден политичар што ја спомна, ја злоупотреби! Доста веќе со линчување, туку погледнете таму кај што треба: никој друг, само и само ВЛАСТА која единствена може но не сака да направи промена, НИ ГИ УБИВА И ТРУЕ ДЕЦАТА! И БИВША И СЕГАШНА И ИДНА! 35 ГОДИНИ, СИТЕ ПО РЕД! САМО ВЛАСТА!

И на крајот, тој што колне и посакува смрт на други, не е ништо подобар од оној што веќе одзел нечиј живот! Тој, најверојатно прво е нечовек и невоспитан сам по себе, а потоа или нема дете во пубертет или има, ама очигледно не е свесен што се случува таму надвор во КОЧИНАТА и не знае што се прават децата кога не ги гледаш пред очи и не ги држиш за рака, па дури и оние воспитаните! Секое второ или трето има направено тешка глупост во животот, секое прво допрва ќе направи! Некои грешки ќе бидат само лекции, ќе останат без долгорочни последици, некои ќе те уништат и тебе и детето и некои други деца! И не е само ова дете такво, едно у државава, од каде тоа? Како него има уште илјадници деца скршнати од патот, заглавени во дроги, криминал, алкохол, коцки и долгови, злоупотребени и уништени, за кои не сме чуле, а допрва ќе слушаме, за кои само родителите си знаат какви маки мачат. Затоа не суди, отвори очи, чукни во дрво и кажи си „Не дај Боже и мене да ми се случи“. А може да ти се случи, и тоа баш тогаш кога најмалку ќе се надеваш и тоа баш тогаш кога ќе си најубеден дека твоето дете е највоспитано од сите!

НАЈЛОШОТО НЕШТО ШТО МОЖЕ ДА МУ СЕ СЛУЧИ НА ЕДНО ДЕТЕ, Е ОНА ШТО РОДИТЕЛОТ ПОМИСЛУВА ДЕКА МОЖЕ ДА МУ СЕ СЛУЧИ. И ТОА СЕ СЛУЧИ!

НАЈЛОШОТО НЕШТО ШТО МОЖЕ ДА МУ СЕ СЛУЧИ НА ЕДЕН РОДИТЕЛ, Е ОНА ШТО СОПСТВЕНОТО ДЕТЕ МОЖЕ ДА МУ ГО НАПРАВИ, НИКОЈ ДРУГ! И ТОА СЕ СЛУЧИ!

Затоа молчи и не линчувај! Никогаш не се знае кој родител е следен!