МОК додели спортска опрема и различни реквизити на сите основни училишта во Општина Аеродром

Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска на пригоден настан во СЦ „Марко Божиновски“ им додели спортска опрема и различни реквизити на сите основни училишта во Општина Аеродром.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изрази благодарност до МОК за одличната соработка во правец на подобрување и осовременување на условите во кои децата имаат настава по физичко образование, како и приближување на сите спортови до сите ученици.

„Честитки и до Сојузот на училишни спортови од Општина Аеродром, како и до сите наставници по физичко и здравствено образование кои со голема посветеност работат со учениците. Тие уште од најмала возраст им влеваат љубов кон спортовите, поради што Аеродром е најспортска општина во земјава, за што потврда се големиот број професионални спортисти кои имаат освоено големи победи на светско ниво. За успесите на нашите ученици се заслужни и сите наставници и вработени во училиштата, на кои Митески им го честита денешниот Меѓународен ден на образованието“, се вели во соопштението на општината.