МНТ во новата сезона ја најавува премиерата на „12“

Македонскиот народен театар, соопшти дека новата театарска сезона 2024/2025 година ќе ја започне со отворање на новата сцена – летната сцена „Славиша Кајевски“, со патувања и гостувања надвор од државата, гостувања во МНТ, како и реализирање на премиерни изведби.

На 4 септември официјално започнаа подготовките за претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз. Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

„Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8“, се вели во соопштението.
Во претставата, која е дел од годишната програма на националната установа МНТ за 2024 година, ќе игра моќна машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото се на Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив. Премиерата е закажана за октомври.