МНР излезе со детали за страотната сообраќајната несреќа во Србија

По сообраќајката во Србија за која веќе објавивме, македонското МНР излезе со официјални информации во кои соопштува дека повредени се 26 лица. Во соопштението се додава дека сите се згрижени и се надвор од животна опасност.

„Информираме дека утринава се случи сообраќајна несреќа на патот Блаце- Белољин во Република Србија, во која автобус со македонски регистарски таблички се превртел носејќи патници на еднодневна екскурзија на Копаоник. Во несреќата се повредени 26 лица, од кои 18 се згрижени во болницата во Блаце, додека 8 се згрижени во болницата во Прокупље. Според првични информации од лекарите, згрижените се надвор од животна опасност, додека едно лице во Прокупље е потешко повредено. Засега се сите контактибилни, но за секој случај во болницата во Прокупље се врши и компјутерска томографија за да се утврди прецизно состојбата на повредените”, се вели во соопштението на МНР.

Според неофицијална информација од Болницата во Блаце, Србија, патниците биле претежно од Радовиш. Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград е во постојана комуникација со надлежните органи.

Од страна на МВР на Србија-Полиција Блаце сме информирани дека сѐ уште се врши увид на местото на несреќата и засега не можат да дадат подетални информации. На терен е и надлежен јавен обвинител.