
Денес младите граѓани на возраст од 18 до 25 години кои аплицираа на јавниот повик во Општина Гази Баба ги добија решенијата со кои им се доделуваат субвенции во висина од 10.000 денари за полагање на возачки испит.
Градоначалникот Бобан Стефковски во објава на социјалните мрежи истакна дека оваа мерка за прв пат се реализира во општина Гази Баба и претставува дел од изборната програма и од заложбите кои биле ветени пред граѓаните.
„Особено ми е драго што денес уште еднаш покажуваме дека кога ветуваме – работиме посветено за тоа ветеното да стане реалност. Полагањето на возачки испит претставува важен чекор за секој млад човек – поголема самостојност, полесен пристап до образование, работа и нови можности. Токму затоа, како локална самоуправа, решивме директно да помогнеме и да бидеме вистински партнер на младите. Нашата цел не е само да обезбедиме финансиска помош, туку да испратиме јасна порака дека младите се важни, дека нивните потреби се слушаат и дека Општина Гази Баба ќе продолжи активно да вложува во нивната иднина“, нагласува Стефковски, кои воедно додаде дека младите ги ставаат на врвот на нивните политики и приоритети.
Тој исто така посочи дека во изминатиот период реализирале повеќе проекти и активности насочени кон младите, како и дека така ќе продолжат и понатаму.
„Следуваат нови мерки, нови проекти и уште поголема поддршка во областа на образованието, спортот, младинските политики и подобрувањето на квалитетот на живот. Им честитам на сите млади кои добија субвенции и им посакувам успешно полагање, безбедно возење и многу успех во животот“, порача градоначалникот.