Минчев реагира на изјавите на Меџити: Да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев реагира на изјавите на вицепремиерот Изет Меџити за масовни вработувања во администрацијата и му порачува да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата

„Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа. Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување“, вели Минчев.

Министерот Минчев посочува дека вработувањата во државните институции се одвиваат во согласност со потребите на институциите со претходни добиени согласности. Според него сите вработувања се заосноваат на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите.

„Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.  Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација“, додава Минчев .

Потенцира дека институциите треба да работат професионално и дека јавниот сектор не е предизборен пазар.

„Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања. Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите“, вели Минчев.