Мицкоски за фотографирањето без македонско знаме: Денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија

На новинарско прашање зошто бугарскиот претседател Радев ја повикал Сиљановска да се фотографираат пред бугарското знаме, а притоа не е ставено и македонското премиерот на Македонија Христијан Мицкоски рече дека денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија.

„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа. Сега  дипломатски се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме политика меѓународна или пак дипломатска со свиткана кичма, тогаш кога ќе се помине црвената линија тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери бугари во устав, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своитее вистински намери. Онојпат кога ќе видиме дека се поминати црвените линии тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, посочи Мицкоски.

За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари Мицкоски очекува во духот на пријателството и добрососедството објективно да се преговара и да се договара.

„Тоа се процеси кои траат со децении, имаме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуки можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух, членовите на комисиите од двете страни да разговарааат“, истакна премиерот Мицкоски.