Мицкоски: Владата увезуваше струја по цена од еден милион евра дневно

Од 7 ноември до 30 ноември, за 23 дена, Владата увезе електрична енергија во вредност од 23 милиони евра со што секој ден се увезуваа по електрична струја во вредност од по еден милион евра, пари платени од граѓаните, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, изврши увид на градежни активности на улицата „Мито Хаџи Василев Јасмин“ во Кавадарци.

– Сега направиле нов тендер за првите четири дена од декември, а зимата се уште календарски не е почната. И повторно ќе увезуваат, а проценката е дека оваа набавка ќе чини нови осум милиони евра, рече Мицкоски.

Запрашан да ја коментира најавата од Владата дека ќе има струја за граѓаните, Мицкоски меѓу другото нагласи дека власта најавувала оти целосните потреби на граѓаните ќе бидат задоволени од домашно производство и дека нема да се увезува струја, но, според него, тоа не е случај.

Мицкоски уште една повика на одржување предвремени парламентарни избори, порачувајќи му на премиерот Димитар Ковачевски дека „ако е толку храбар, има начин тоа да го манифестира“. – Да одиме на предвремени парламентарни избори, па народот да даде оценка, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане фокусирани онаму, каде има „можност да ги решава проблемите на граѓаните“.

Мицкоски обвини и дека иако властите тврдат оти во ТЕЦ „Неготино“ се спроведува планиран ремонтот, всушност има механички дефект на генераторот што требало да биде отстранет до крајот на ноември, а според него, тоа нема да биде сторено ниту до крајот на декември.

– Потоа ќе ви речат патува трансформаторот за РЕК „Битола“, па ќе се пушти третиот блок на почеток на ноември, еве дојде декември, абер нема целата работа. Ние како опозиција, освен што сме многу загрижени, можеме да понудиме решение, но одговорна Влада тоа решение го прифаќа. За жал, оваа наша Влада одлучува да краде и оваа наша Влада одлучува да лаже. Но, јас сум убеден дека граѓаните час поскоро ова ќе го препознаат и на следните парламентарни избори ќе препознаат кој мисли добро, а кој е оној којшто ги краде и ги лаже граѓаните, изјави Мицкоски.

Прашан како да се спаси поранешен „Фени“, а сегашен односно „Еуроникел“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека  разговараат со градоначалникот Јанчев и бараат начин како да се помогне. Тој смета дека фабриката треба да продолжи со работа.

– Да се најде начин, Владата да помогне за „Фени“, како и за сите други стопански објекти во Македонија, да работат, да вработуваат и да се зголемува бруто домашниот производ, рече Мицкоски, тврдејќи дека лично отишол во Владата да понуди решение за комбинатот, но оти тоа не било прифатено.

Градоначалникот Јанчев, од своја страна, изјави „Еуроникел“ можел да се спаси и да функционира, доколку се обезбедела струја од ТЕЦ „Неготино“.

Според него, од „Еуроникел“ било предложено да го раководат едниот блок на ТЕЦ „Неготино“ и да обезбедат мазут за негово функционирање, затоа што, според нивната пресметка, за нив би било рентабилно да произведуваат фероникел за цена за струјата до 250 евра за мегават час.

– „Еуроникел“ можеше да се спаси и да функционира, доколку се обезбедеше струја од ТЕЦ „Неготино“. Исто така, „Еуроникел“ сега работи на проект за увоз на генератори со коишто ќе  произведуваат педесет мегавати сопствена електрична енергија, се до стабилизирање на пазарот на електричната енергија, додаде Јанчев.