Мицкоски: Со мачнина ја гледам пинг-понг играта на коалицијата на хаосот, Арсовска и Ковачевски додека граѓаните страдаат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот свечен настан на тема – „Св. Климент Охридски, стожерот на македонската грамотност“ кажа дека со мачнина ја гледа пинг-понг играта на премиерот Димитар Ковачевски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

„Со мачнина ја гледам пинг понг играта на новата коалиција на хаосот, Градот Скопје и власта на Ковачевски за проблемите со приватните превозници додека проблемите не се решаваат. Навистина како човек одбивам да влегувам во реториката на обвинувања и недораснати потези каде поважно од решенијата им е да се знае кој бил виновен, и лагите кои непресушно ги кажуваат додека народот страда. И една заедничка порака до коалицијата на хаосот, престанете да правите политика врз грбот на народот и испорачајте решение на проблемите. Вие сте власт и вие ја имате одговорноста наместо пинг понг игра да ги решите проблемите“, вели Мицкоски.

Мицкоски им порача на власта и на раководството на Град Скопје да не си играат со интелигенцијата на граѓаните со префрлање на топката.

„Престанете да си поигрувате со интелигенцијата на овој народ. Едната на благодарение на вас е таму каде што е, а овој другиот благодарение на лесната рака за потпишување предавнички договори и се уште опстојува. И едниот и другиот имаат одговорност да ги решат проблемите кога тајно се среќаваат во Владата наместо да шират лаги и да ја префрлаат топката од која што штета имаат скопјани и граѓаните во Македонија. Секое решение што е во интерес на граѓаните и на скопјани ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржиме“, кажа лидерот на опозициската партија.