
Премиерот Христијан Мицкоски се изјасни против предлогот на Стопанската комора на Македонија за намалување на бројот на неработни денови, оценувајќи дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат.
„Во принцип, мислам дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат и тука немам никакви дилеми“, истакна Мицкоски.
Стопанската комора на Македонија вчера на прес-конференција најави дека наскоро до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13.
Предлогот предвидува и празниците што се паѓаат во недела повеќе да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Според проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, иницијативата не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото за користење неработни денови.
На предлогот реагираа и претставниците на синдикатите, кои се спротивставија на можноста за намалување на бројот на неработни денови за работниците.
Претходно реагираше и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, од каде порачаа дека не го поддржуваат намалувањето на бројот на неработни верски празници. Од МПЦ-ОА нагласија дека нивното значење не може и не треба да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност, бидејќи празниците имаат верско, духовно и културно значење за македонскиот народ.