Мицкоски: Не е доволно само декларативна заложба за родова еднаквост

„Родовата еднаквост е повеќе од цел сама по себе, тоа е предуслов за намалување на сиромаштијата, промоција на одржлив развој и градење на добро владеење“ кажа поранешниот генералниот секретар на ОН Кофи Анан. И навистина низ неговите зборови најдобро се опишува борбата за родова еднаквост, затоа што тоа не е цел сама по себе, туку е само дел од поширок спектар на добри практики кои мора да бидат исполнети, ако сакаме здраво општество, базирано на еднаквост, почит и просперитет, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

Тој вели дека не е доволно само декларативна заложба за родова еднаквост, како што тоа го прави актуелната власт, тоа е потценување на интелигенцијата на жените, потребни се коренити промени, а тие доаѓаат најпрво преку градење на систем на добро владеење кој се темели на закони и правила, а не на криминал и криминални кланови кои го загрозуваат животот на граѓаните.

-Не е доволно власта да се залага за еднаквост, а жените, исто како и мажите, да тонат во сиромаштија заради тоа што власта е криминална и краде. Потребни се големи чекори напред. Потребна е вистинска заложба и искрени намери, не за политички поени, туку за подобра иднина на нашите деца. Честит 8 Mарт. Промените ќе дојдат, додава Мицкоски во честитката.