Мицкоски: Нашите мисли и молитви се со кандидатот за претседател Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ

Премиерот Христијан Мицкоски изрази осуда за, како што вели, кукавичкиот обид за атентат врз поранешниот претседател на Америка, Доналд Трамп, кој воедно е и кандидат за иден претседател на оваа земја. Тој во неговата објава на социјалните мрежи напиша:

Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изрази на најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат врз кандидатот за претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ.

Дел од корисниците на социјалните мрежи реагираа дека Трамп не е претседател, туку поранешен претседател, на што од страна на тимот на Мицкоски беше одговорено:

Претседателот Трамп како поранешен Претседател секогаш ќе ја носи таа титула, Претседател. Доколку Претседателот Бајден биде кандидат, тогаш двајцата Претседатели ќе бидат и претседателски кандидати.