Мицкоски: Најавувам сериозен проект за Скопје и економијата

-Некој ќе рече на овие им е само до власт. Но, не ни е само до власт, ако така гледаме можеби ние сега сме во најкомотна позиција, двапати поголем рејтинг, 50-тина општини, не еве ќе дојде денот кога ќе го повикаме народот, јас лично ќе го повикам народот против оваа корумпирана, криминализирана и неспособна и анационална власт. Многу скоро ќе дојде тој ден, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју во емисијата „Јади бурек“ на ТВ Сонце.

Мицкоски вели дека ќе побара поддршка и од медиумите и од сите граѓани масовно да излезат и да покажат пркост што навистина мислат граѓаните за оваа владеење на владата на СДСМ.

Ќе побараме и општествена поддршка од вас, од луѓето кои што се креатори на јавното мислење. Ако мислите дека е вака добро, тогаш јас сум бил во заблуда, ако не придружете ни се, да излеземе сите масовно да покажеме пркост, да покажеме што мислиме, изјави тој.

На прашањето што смета тој за предвремените парламентарни избори со оглед дека СДСМ не прифаќа, Мицкоски потенцираше дека власта е исплашена бидејќи ќе им се случи огромен пораз. Тие се уплашени од својот страв, тие се двојно уплашени, како ќе се согласат кога они  знаат што ќе им се случи. Ќе им се случи огромен пораз, дециден е Мицкоски.

Тој  најави голем проект за Скопје за кој како што рече ќе е од големо значење и сериозно ќе влијае на квалитетот на животот на скопјани, но и на македонската економија.

Имаме стагнација на економијата, а имаме инфлација на животниот стандард и тоа го покажува Државниот завод за статистика, мислам дека беше 6,7 проценти во јануари 2022 година споредено со јануари 2021 година. Имаше поскапување на храната за 10 проценти, маслото за јадење повеќе од 25 проценти, тоа значи дека животниот стандард опаѓа, а економијата не расте, објасни Мицкоски.

На прашањето каква иднина не очекува во економијата Мицкоски рече дека со овие луѓе не можеме ништо да очекуваме.

Со овие луѓе не можеме ништо и затоа сега се трудиме од позиција на опозиција и се надевам дека за некои десетина дена од денес, или две недели можеме да објавиме еден крупен би рекол проект кој што би се реализирал во Скопје, со кој што би се афектирал квалитетот на животот на скопјани, и нормално би влијаел сериозно на економијата, изјави тој.

Како граѓаните да очекуваа реализација на таков проект кога ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и со кои ресурси располагаат тие, а не од владата претседателот Мицкоски порача:

Не можете да очекувате од владата затоа што таму нема луѓе кои што може да направат нешто. Со тие ресурси со кои што располагаме цениме дека можеме да направиме. Ќе најавиме еден проект кој што би бил сериозно голем, затоа велам да почекаме, да не зборуваме, ќе имаме поконкретни детали, и ценам дека тој драматично ќе ја промени состојбата на скопјани, и генерално на граѓаните на Македонија.