Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на состанокот во Владата договориле формирање на работни групи за спроведување на реформската агенда.
Филипче кој ја оцени средбата како добра и конструктивна, вели дека се работи за зконите во делот на правосудството, енергетиката и некои работи околу стратешките движења во здравството, додека позициите за ЕУ интеграциите им се разликуваат.
„Имавме навистина конструктивен состанок со премиерот, сметам дека и до него е стигнато барањето од граѓаните за заедничка работа во некои сфери за подобрување на квалитетот на живот. Договоривме да работиме на начинот, да формираме тела и работни групи за спроведување на реформската агенда. Значи првичните закони во делот на правосудството, енергетиката и некои работи околу стратешките движења во здравството. Ова е првичен состанок, да видиме каква ќе биде методологијата“, рече Филипче.
Нова средба не е договорена, но Филипче очекува сите политички партии да разговараат на овие теми. Следен логичен чекор, според првиот човек на СДСМ, е лидерска средба.
„Мислам дека со тоа што покажуваме свест, разум и слух за барањата на граѓаните и се обидуваме да воспоставиме нов модел на соработка во интерес на барањата на граѓаните, прво преку рефромската агенда, сметам дека е добар позитивен сигнал. Со ова сметам дека граѓаните треба да бидат свесни дека некој ги слуша нивните барања“, додаде Филипче одговарајќи на прашањето дали тој и Мицкоски имаат политички легитимитет да решаваат натаму проблеми во Македонија.