Мицкоски: Дефинирани се производите и цените на новогодишната кошничка

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека веќе се дефинирани производите и цените што ќе бидат опфатени со новогодишната кошничка. Мицкоски посочи дека есенската кошничка даде резултат и граѓаните веќе можат да ги почуствуваат ефектите, а тоа го потврдиле и бројките.

„ Од тоа што сум информиран од министерот за економија, остварена е комуникација со коморите, дефиниран е списокот на производи и артикли за пред Нова година, дефинирани се и цените. Работиме и тоа се гледа од извештаите што ги објавува Државниот завод за статистика. Видовте дека по не знам колку време, месечната инфлација е во минус и изнесува -0,7 проценти, односно сме во дефлација кога ќе се споредат октомври и септември. Жал ми е што од опозицијата тоа беше критикувано, но бројките се немилосрдни. Ефектите од мерката граѓаните може да ги почувствуваат и се гледа во бројките, октомври има намалување, нема веќе инфлација, туку има дефлација од -0,7, а беше 0,3 отсто во септември во однос на август. Сега имаме еден процент надолу што е заштеда од 1 000 до 1 300 денари, но тоа не е доволно, ќе продолжиме да работиме. Не можеме се веднаш и преку ноќ, но важно е да се гледа дека работиме, граѓаните да сфатат дека има генерација политичари кои сакаат да работат, веќе петти месец правиме се што можеме за животот на граѓаните да им биде подобар“, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на три патни правци кај Велес.