Мерката за замрзнати цени на земјоделските производи нема да продолжи по 31 мај

Министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, кажа дека мерката за замрзнати цени на земјоделските производи нема да продолжи по 31 мај.

-Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од 10 отсто, кажа Бектеши.

Бектеши истакна дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

- Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори, вели Бектеши.