Мери Попова за Андреа: Сè се случи навистина брзо

Шефицата на македонската евровизиска делегација, Мери Попова за инцидентот со македонското знаме, што се случи вчера во Торино, Италија, за „Нова Македонија“ вели дека претставничката Андреа Коевска имала само 30 секунди за фотографирање на Евросонг.

– Сè се случи навистина многу брзо. Протоколите и организацијата налагаа по 30 секунди официјално фотографирање за сите евровизиски претставници. Останатиот дел од делегацијата беше тргнат на сосема спротивна страна, зад камерите, со оглед на директниот пренос. Претпоставувам дека во целата еуфорија, кога од Андреа побарале фотографии и без знамето, едноставно не успеала да изреагира поинаку, туку го поттурна знамето по тиркизниот ќилим. Ниту видовме, ниту слушнавме кој го побарал тоа од неа, зошто повторувам бевме далеку од неа. Потоа си го зема и продолжи на средбите и интервјуата со сите други многубројни присутни медиуми, вели Попова за „Нова Македонија“.

Попова побара од јавноста да и прости на Андреа за моменталната непромисленост и да и се даде ветер во грб заради влогот во неколку месечната напорна работа и да може да го даде максимумот на 12-ти мај.