
Во рамки на меѓународната оперативна акција „TRIGGER X“, организирана од ИНТЕРПОЛ, во Македонија биле одземени 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција и 10 минско-експлозивни средства.
Акцијата била спроведена во периодот од 22 јуни до 5 јули 2026 година, а носител на активностите во Министерството за внатрешни работи бил Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ – Скопје.
Во операцијата биле вклучени повеќе организациски единици на Бирото за јавна безбедност, како и Царинската управа, со цел откривање и спречување на недозволената трговија со оружје и муниција и сузбивање на прекуграничниот криминал.
Во рамки на активностите биле контролирани 548 селектирани лица и 382 возила, а дополнително биле извршени проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила.
Во предоперативната фаза, при два претреси, биле пронајдени три пиштоли, 115 куршуми, рамка за оружје, седум ловни патрони, три рачни бомби и кутија со барут. При друг увид биле пронајдени пиштол, рамка, импровизирана направа во вид на цевка за испукување куршуми и уште 77 куршуми.
Во оперативната фаза биле извршени вкупно 35 претреси, при што биле одземени 27 парчиња оружје и 604 парчиња муниција, за кои се преземаат мерки за поведување кривична постапка, како и 10 минско-експлозивни средства.
Дополнително, за поведување управна постапка биле одземени три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 ловни патрони.
Во рамки на засилените контроли на граничните премини биле лишени од слобода две лица. На „Табановце“, при контрола на возило управувано од австриски државјанин, била откриена непозната материја, по што лицето било приведено поради сомнение за кривично дело. На „Меџитлија“, пак, било пронајдено лице евидентирано на стоп-листа, кое било предадено на понатамошно постапување.
Контроли биле извршени и во стрелачки клубови и цивилни стрелишта на подрачјата на СВР Скопје и СВР Битола. При една од контролите во Прилеп биле одземени ловна пушка и револвер.
Од МВР оценуваат дека учеството во вакви меѓународни акции придонесува за подобра размена на информации и поефикасно координирано постапување во борбата против нелегалната трговија со оружје и прекуграничниот криминал.