Ме заборавија со бланш на главата, наместо извинување добив искината коса и сметка од 2000 денари

Велат ако не знаеш што се случува во комшилукот појди на фризер се ќе си дознаеш. Иако оваа работа се гледа едноставна и лесна, сепак е тешко на секому да му се погоди фризурата и вкусот и како секогаш фризерите се оние кои ќе кажат „Не можеше ништо специјално да се направи таква ти е главата“.

-На фризер одам редовно, во близина си имам една фризерница каде мијат и фенираат за 200 денари, а јас за тие пари цела недела одам со фризура на работа, вели Весна од Лисиче.

-Да ви кажам почнав дома сама да се шишам, неколку пати се имам изгорено од „профи“ фризери, 2 часа седев со бланш на главата кожата ми се запали ни извинување ни ништо не слушнав, добив само искината коса и 2000 денари сметка, вели Љубица од Автокоманда.

-Го обожавам мојот бербер, иако живеам во Аеродром, секоја втора недела одам до Капиштец на фризер. Ептен ми ја знае фризурата, нема утка, одлично типче  е ги следи трендовите, вели Игор.

-Секој има различно искуство со фризерите кои добро кои лошо. Искрено евтиниве се локлани и кај нив идам само за некои ситиници за да поминам поевтино. Инаку се шатирам и правам во едно познато фризерско студио каде плаќам и по 3000 денари, вели Јана од Бутел.

-Иако сум машко битно ми е како ќе ми биде фризурата. Одам на женски фризер секоја недела, бидејќи оваа фризура бара почесто корекции. Шишањето чини 400 денари, вели Иван од Карпош.

-Фризериве претеруваат со цените. Ми нудат демек квалитетна фарба и на крај добивам сосема друга боја на косата. Еднаш имав закажано во познато скопско студио за да ја добијам посакуваната плава боја на коса, мислев дека се професионалци и знаат што прават, но на крај излезе дека не може имам црвенкаст пигмент на главата и тој не дава да станам плавуша тоа беше нивното објаснување, вели Силви од Жданец.