Родителите на матуранти изминатиов период се „на мака“.
Иако поводот е убав, велат дека трошоците за организација на матура, не се воопшто мали.
Периодов, веќе финишираат подготовките за свечената матурска вечер, а родителите се жалат дека токму за таа вечер мора да издвојат сериозна сума од домашниот буџет.
Облека, обувки, шминка и фризура за девојките, плаќање на фотографиите за на табло, вечера во ресторан, подарок за класниот/класната, подарок за партнерот, плаќање на музиката, да се почестат најблиските...
- Само гардеробата чини околу 500 евра. Јас сум мајка на девојка, па тука имате дополнително професионална шминка, нокти, фризура, накит, чанта...Ќе прославиме само најблиските во ресторан, но сепак, се на се само за матурирањето се троши голема сума, споделува една мајка на социјалните мрежи.
- Се претерува со матурските прослави. Секоја чест за оние кои се облекуваат соодветно на возраста, но што да се каже за оние девојки кои наместо на 18 години, ќе се направат да изгледаат како 45-годишни. Предолги нокти, тешка шминка, прераскошни фустани...а трошат цело богатство. За што, завршиле средно кое е задолжително? – реагира скопјанка.
- Порано беше поедноставно и поубаво. Сега се оди до таму што се декорира приvатна забава, се закажуваат професионални фотосесии, се плаќаат дизајнерски фустани...Секоја чест за оние кои може да си го дозволат тоа, но сепак нема потреба од толкави помпи, гласи мислењето на друга скопјанка.
Во групите на социјалните мрежи се бара и мислење и совет за соодветен матурски подарок.
- Порано се одеше со пижами, постелнина, колекција со парфем, симболична сума...Денес тинејџерите бараат нов модел на „Ајфон“, смарт часовник кој чини 500 евра, брендиран накит, а има и такви кои добиваат автомобили од родителите или најблиските, коментира еден маж на Фејсбук.
- Зависно од матурантот/матурантката, но мислам дека пари е најсоодветно, па ќе си изберат сами.
Матурата е еден убав повод да се заокружи средното образование, да се прослави соодветно. Млади се и убави, нема потреба од прескап гламур, за кој, дел од родителите подигаат кредити, спдоелува еден професор од средно училиште.
Вели најважно е да се прослави успехот, другарството...и секако да со оптимизам да се тргне кон новата фаза од животот на младите луѓе.