Матурантката Лана Младеновиќ: Преку Универзитетот во Љубљана до врвните придобивки на биомедицинското инженерство во светот

Биотехнологијата и генетското инженерство се областите во кои матурантката Лана Младеновиќ посветува голем дел од слободното време за да стекне што повеќе знаења. Токму големата љубов кон природните науки, која кај неа се јавила уште во основно училиште, како и многубројните проекти на кои работела во текот на средното образование, ја мотивиралe како матурантка во Меѓународното училиште НОВА да аплицира за престижниот универзитет „Гронинген“ во Холандија, на програмата за биомедицинско инженерство. За жал, иако се рангирала во првите 20 кандидати според резултатите од приемниот испит, нема да го продолжи високото образование во Холандија бидејќи холандските универзитети не нудат стипендии за студенти надвор од ЕУ, а школарината за нејзината насока на „Гронинген“ е превисока. Затоа одлучила своето образование да го продолжи на универзитет кој нуди бесплатно студирање за студенти од земјава, односно од следната академска година ќе биде студент на Биотехничкиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

- Сметам дека од Словенија, вратата кон „Гронинген“, а и кон другите познати универзитети ќе ми се отвори, преку Ерасмус програмата и последипломските студии, кога би било и полесно да се стекнам со стипендија, вели Лана.

Природните науки отсекогаш ѝ биле предизвик, најмногу поради многубројните натпревари на кои учествувала низ основното образование. Но, клучен момент бил кога се запишала во НОВА, каде што ја воодушевил наставниот пристап на професорот по биологија, кој уште повеќе ѝ ја засилил љубовта кон оваа наука. Во првата година од средното образование станала дел од училишниот клуб за роботика, со кој учествувала на меѓународниот натпревар First Tech Challenge каде освоиле награда. Тоа ѝ било дополнителна мотивација да му се посвети на инженерството, односно на вкрстувањето на роботиката со биологијата и нивната примена во медицината, поради што се заинтересирала и за генетиката.      

- Во слободното време се стекнувам со знаење за новите откритија во биотехнологијата и генетското инженерство, а знаењата ги применив и во голем дел од моите истражувања како испитна компонента од меѓународната матура. Овие два интереси, во суштина се гранки на истото дрво. Се работи за биоинженерството кое цели да пронајде решенија за многу биолошки проблеми со кои се соочуваме. Токму овој аспект на широкоразмерната имплементација е она кое ме привлече, па во третата година од средното образование почнав да истражувам кои се најдобрите универзитети за овие науки, раскажува Лана.  

За универзитетот во Гронинген дознала случајно, а ѝ се допаднало тоа што нуди студии на англиски јазик и е широко отворен за посветени ученици на интернационално ниво. Таму аплицирала на програмата „Биомедицинско инженерство“, чиј примарен фокус е имплементацијата на инженерството во медицина, од машини за отсликување и дијализа, па сѐ до простетика. Оваа програма е една од групата програми кои во Холандија се карактеризираат како Numerus Fixus, т.е. имаат ограничен број на слободни места поради што се покомпетитивни и бараат одредено ниво на академски успех и висок резултат на приемниот испит. Нејзината програма на „Гронинген“ оваа година нуди 125 места, а Лана била меѓу првите 20 рангирани по полагањето на приемниот испит. За жал, превисоките трошоци за студирање и ограничувањето да не може да добие стипендија бидејќи не доаѓа од земја-членка на ЕУ, не ѝ овозможија да стане дел од студентската заедница во Холандија.

За процесот на аплицирање на универзитетите во странство Лана вели дека не е тежок, но дека сè зависи од државата во која се наоѓа конкретниот универзитет. Сепак, заедничко за сите е што на крај целиот процес е во рацете на ученикот. Односно, ученикот е оној што е одговорен за прикачување на сите неопходни документи, за пишување на есеите и мотивациските писма, како и за роковите на аплицирање. За можниот избор на универзитети и за самиот процес на аплицирање, Лана се консултирала со академскиот советник во НОВА и со нејзините професори, но истакнува дека клучната одлука ја донела самата.

- Сметам дека кога се има желба, сè може да се постигне, дури и ако тоа не е на местото од нашите соништа. На крајот, она од кое зависиме е само сопствената волја за успех. Токму поради тоа најблагодарна сум му на моето семејство бидејќи тие ми ја дадоа потребната поддршка да го направам правилниот избор за себе и ме научија да не дозволувам пречките кои стојат на патот до успехот и самоостварувањето да ме успорат или пренасочат, истакнува Лана.   

Таа вели дека најмногу се радува поради можноста да ги продлабочи сопствените знаења на универзитетот во Љубљана, каде што ќе се соочи и со практична работа во лабораторија.

- Верувам дека Биотехничкиот факултет го нуди тој интердисциплинарен приод во кој се крие брзорастечкиот развој на биотехнологијата. Исто така сум возбудена што ќе имам шанса да ги искористам сите можности кои ги нуди Словенија за понатамошно усовршување, академски, но и професионално. Во иднина се гледам како работам на истражувања или дизајн на откритија што ќе имаат намена да го подобрат човечкиот живот, да го олеснат лекувањето од различни болести и да бидат алатка при одбрана од генетски предиспозиции. Верувам дека целта на моето лично остварување е она кое ќе го придонесам во науката и истражувачките дисциплини, завршува Лана.