Матурантка не полагаше државна матура и остана без упис во Словенија

Матурантка од Охрид денеска не полагаше државна матура затоа што нејзиното име не било на списокот меѓу матурантите од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“, објави „СДК.мк“.

Таа била испратена дома, а татко ѝ кажал дека матурантката ќе остане без право на упис на Факултетот за физиотерапија во Словенија.

-Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана, сега тоа право ѝ е спречено од администрацијата и директорката во гимназијата. Нека сноси некој одговорност, нека се види кој е виновен. Ќерка ми во моментов е под седативи дома, вели таткото за „СДК.мк“.

Родителот вели дека административен пропуст е направен уште во февруари, но никој не ги известил досега, а од Бирото за развој на образование, Подрачно одделение Охрид, признаваат дека е направен пропуст не по вина на ученичката која, според нив е обесправена.

- Веднаш ја известивме службата во Државниот испитен центар каде што беше констатирано дека ученичката ја нема. Можеме да кажеме дека таа е обесправена. Констатирано е дека таа не била присутна во училиште за време на давање на списокот и не била потпишана во истиот, но тоа не дава за право да ја нема на списокот за матура, кажа Марјан Бошалески од Бирото за развој на образование, Подрачно одделение Охрид за „СДК.мк“.