Матичниот гинеколог и дал сомнителни апчиња за киретажа, пациентката пет дена била со мртов плод од 3 месеци и животот и висел на конец

Наша читателка во целост ја раскажува голготата низ која поминала “благодарејќи“ на матичниот гинеколог кој успеал да ја убеди дека има апчиња за киретажа и дека тоа е нов метод, а притоа земајќи и пари под рака. Пет дена носела мртов плод во неа голем безмалку три месеци, а не како што и констатирал матичниот доктор дека плодот е само две недели. Ако почекала уште ден-два и не отишла во клиниката Чаир каде и бил отстранет веднаш плодот, голема е веројатноста дека ќе фатела сепса или ќе искрвавела до смрт

Желба на речиси секој жена е во животот да се оствари во најважната улога, а таа е да биде мајка. Сепак, не секогаш бременоста доаѓа во вистинско и посакувано време, а кога тоа ќе се случи тоа, жените односно паровите одлучуваат да се направи што поскоро абортус и да се отстрани зачнатиот плод. Во нашата редакција стигна писмо, односно исповед од жена која поминала низ пеколен период во кој, животот и бил доведен во опасност од страна на матичниот гинеколог, кој веројатно сакајќи да заработи некој денар повеќе и дал апчиња “под рака“ уверувајќи ја дека се ќе помине во најдобар ред и зачнатиот плод ќе биде исфрлен.

Во своето писмо таа детално ја опишува ситуацијата во која се нашла, а стравувајќи за својот живот, бидејќи добила закани од гинекологот, таа ги напиша само иницијалите на гинекологот Н.Л кој несовесно ја вршел својата работа и го загрозил животот на својата пациентка.

Се започнало кога дознала за својата бременост и отишла кај матичниот доктор, како тој би и дал упат за киретажа, објаснувајќи дека бременоста се случила непланирано и дека тие одлучиле да го отстранат плодот. Сепак, тој успеал да ја убеди дека има апчија за киретажа и таа е најнова метода за остранување на плодот, а секако голема е веројатноста дека кога ќе добиете совет од доктор кој вооедно е и ваш матичен гинеколог да му поверувате на зборовите.

-Непланирано останав бремена, па откако дознав за бременоста, отидов кај матичниот гинеколог со намера да ми даде упат за киретажа или абортус бидејќи со сопругот не ја посакувавме бременоста. Откако ме погледна на ехо, ми објасни дека е многу рано, бидејќи само што е зачнато и дека треба да почекам уште една седмица за било каква интервенција. Откако една седмица подоцна повторно отидов кај него за упат, тој ме посоветува дека тој лично ќе ми направи киретажа со таблети, велејќи дека тој е најнова метода, која во светот веќе долго време се користи, но за таблетите не смеам да кажувам бидејќи кај нас сеуште многу малку се користат, раскажува пациентката која не била свесна што ја очекува понатаму.

Откако и го објаснил начинот на кој се ставаат таблетите во матката, таа прифатила и таблетите биле ставени во нејзината матка, добила и апчиња кои требала да ги пие и му платила на докторот за интервенцијата и апчињата. Потоа, докторот и објаснил дека за неколку часа ќе прокрвари и ќе го исфрли плодот, дека во тие мигови ќе има болки, но дека се ќе заврши за една вечер.

-Поминаа пет дена, но не се случи како што ми кажа гинекологот, всушност тој пет дена ме држеше дома со мртов плод во мене. Тогаш започна влошувањето на мојата здравствена состојба, почнав многу да крварам, да губам сила и да не можам да стојам на нозе. Веќе чувствував дека нешто не е во ред и петтиот ден кога повторно отидов кај него, ме гледаше на ехо и ми кажа дека не можам така лесно да го исфлрам плодот, не е така лесно како што јас мислам, туку потребно е да се помачам, раскажува пациентката.

Уверени дека состојбата е сериозна,со сопругот му кажале на докторот дека веднаш ќе одат во клиниката во Чаир, но тогаш добиле предупредување дека во никој случај не смееда каже што се случило, туку дека била бремена и едноставно крварела.

-Ме предупреди да не кажувам ништо на докторите од клиниката во Чаир и ми се закани дека доколку нешто кажам ќе биде лошо за мене. Кога пристигнав во Чаир веднаш штом ме видоа докторите како изгледам, бев свесни дека нешто сериозно се случува со моето здравје. По направеното ехо ме качија на одделение и ми кажаа дека веднаш мора да ми направат киретажа, бидејќи можно е да добијам сепса или едноставно да искрварам до смрт и дека нема време за одолжување, раскажува таа.

По направениот зафат тамошните доктори и објасниле дека не била времена две недели како што и кажал гинекологот Н.Л. , туку безмалку три месеци.

-Запрепастувачки за мене беше кога докторите ми кажаа дека сум бремена скоро три месеци, а не како што ми кажа мојот гинеколог дека плодот е само две недели. Тие беа во неверување како дотичниот гинеколог неможел да ја утврди големината на плодот, а ако не сум отишла во Чаир и сум почекала уште некој ден верувајќи на матичниот доктор, веројатно немаше сега да бидам меѓу живите. За жал немам никаков документ за да можам судски да го гонам гинекологот за тоа што ми го направи, за апчињата кои ми ги даде и за парите на рака кои ми ги зема. Ова решив да го испратам до вашиот портал се со цел да го споделите со јавноста и да испратам порака до жените, да внимаваат на кои доктори веруваат и да не чекаат времето да поминува доколку нивната состојба се влошува, туку да побараат помош кај други и искусни доктори, заврши нашата читателка која го испрати писмото.