Марија Андоновска: „Новиот закон сериозно ќе ја намали изложеноста на пасивно пушење и ќе го подобри јавното здравје“

Минатата недела во јавноста се отвори интензивна дебата околу предлог-законот за забрана на пушење во затворени простории, кој предизвика поделени реакции меѓу граѓаните. Дискусијата брзо се подели меѓу пушачи и непушачи, при што се отворија прашања за целите што Владата сака да ги постигне со новата регулатива.

Во јавниот простор беа изнесени различни аргументи – од економски и правни, до безбедносни и здравствени аспекти на предложеното законско решение. Порталот Скопје Инфо одлучи фокусот да го стави токму на здравствениот аспект и на тоа какво влијание би имала евентуалната забрана врз јавното здравје на граѓаните.

Со таа цел, разговаравме со директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, која во интервју за Скопје Инфо говори за здравствените ефекти од изложеноста на тутунски чад, но се осврнува и на актуелната состојба со сезонскиот грип и предизвиците со кои се соочува јавното здравство.

Според Андоновска, законот сериозно ќе допринесе да се намали изложеноста на пасивното пушење на населението.

„Со воведувањето на новиот закон се ограничува пушењето на одредени места. Ова сериозно допринесува за да се намали изложеноста на пасивно пушење на населението, што значително би го подобрило нивното здравје, а чувањето на здравјето на наслението е еден од нашите фундаментални принципи на работа. Со забранувањето на тутунските производи со вкусови се очeкуува да се намали привлечноста на овие прозиводи кај младината, а воедно и така да ги заштитиме нив од употребата на тутунските производи. Така да со законот би се донеле мерки кои сериозно би го заштитиле здравјето на населението“, вели таа за Скопје Инфо.

При подготовката на оваа регулатива, Андоновска вели дека Институтот за јавно здравје бил вклучен во процесот од самиот старт, а нивниот тим на експерти кој работи во полето на превенција на употреба на тутун, бил консултиран и директно вклучен во изготвувањето на законот.

„Нашата улога беше да ги истакнеме здравствените ризици, европските стандарди и импактот што се очеува овој закон да го има врз болестите поврзани со пушење“, посочи директорката на ИЈЗ.

Запрашана, какви ефекти од здравствен аспект смета дека би донел овој закон, освен одредени промени во однесувањето на граѓаните, Андоновска рече дека очекуваат значително намалување на изложеноста на пасивното пушење, што веднаш ќе се одрзи врз намалување на акутните респираторни симптоми, асматични напади кај чувствителните групи и ризикот од кардиоваскуларни болести. Исто така, посочи дека на подолг рок, ваквите закони се поврзувале со намалена инциденца на белодробен карцином, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања.

„Рестрикциите често делуваат како “поттик“ за пушачите кои веќе размислуваат да се откажат“, додава таа.

Во процесот на откажување од пушењето, ИЈЗ има воспоставено и специјализирана телефонска линија. Со оваа телефонска линија, како што вели директорката на Институтот за јавно здравје, им нудат помош на сите граѓани кои се активни пушачи, а се заинтересирани да престанат со пушењето.

„Бројот на повици варира, имаме месеци каде што имаме поголем број на повици, некои месеци имаме помалку. Од досегашните податоци, околу 10% од јавувачите на линијата успеаа со помош на истата да престанат со пушење“, нагласи Андоновска.

Истражувањата покажуваат дека во Македонија со пушење се почнува прилично на рана возраст. Според Андоновска, најчести причини за тоа се комбинација од ниска перцепција на ризик, лесна достапност на цигари, слаб надзор на продажбата на малолетни лица и силно социјално влијание – како од семејството, така и од врсниците.

Клучната интервенција таа ја детектира во намалувањето на достапноста преку построги контроли на продажбата на малолетници, намалување на изложеноста на реклами и јасни образовани програми во училиштата. Меѓу дрогото, докторката посочува и дека позитивните примери од домашната средина се критични и дека родителите играат огромна улога во тоа дали детето ќе развие навика.

Периодов гледаме зголемен број на заболени од грип, веќе имаше и жртва, а некои медицински лица изјавија дека оваа сезона сме во малку полоша состојба со грипот во однос на лани. Директорката на Институтот за јавно здравје ја прашавме на што се должи тоа?

„Вирусот на грип  прави многу чести  мутации, со што тој станува  лесно пренослив  и го  избегнува  имунолошкиот одговор, некогаш дури и оној имунитет кој е стекнат со вакцинација или претходно прележана болест. Особено доколку новите соеви се појавени откако е утврдено кои соеви ке учествуваат во составот на  вакцината за предстојната сезона. Од друга страна неможе да очекуваме секоја сезона на грип да биде идентична на претходната сезона. Варијациите се очекувани, а осебено кога се случуваат големи промени во генската структура на вирусот што засега тоа не е случај“, истакна Андоновска.

Таа објаснува дека големите варијации во генската структура на вирусот се всушност тие кои ги прават најголемите проблеми, односно нагло зголемување на бројот на заболени токму поради непостоење соодветен имунолошки одговор на новите варијанти.

„Заболувањето како такво е познато дека може да направи компликации кај заболените, посебно кај оние кои имаат придружни заболувања. Смртните случаи иако непосакувани се исто така еден од несаканите исходи на ова заболување, кои се случувале во минатото и за жал ке се случуваат и понатаму“, нагласува Андоновска, додавајќи дека Македонија не е исклучок од тековниот тренд на заболувањето на Европскиот континент и земјите во сосесдството.

Фактори кои придонесуваат за зголемен број на заболени, објаснува таа, се и престојот во затворени средини, особено присуството на големи групи на луѓе во затворен простор. Исто така, вели дека и празниците кои претходеа допринеле за тоа, како и малиот број на вакцинирани против грип.

„Оваа е очекуван период на зголемување на  бројот на заболени, се надеваме дека нема да има големи одстапки, но останува и понатаму активното следење и согласно пријавените бројки ке бидат предложени соодветни мерки“, порача Андоновска.