Маричиќ: Пред нас e голем предизвик за успешно затворање на преговорите со ЕУ и шанса која не смееме да ја пропуштиме

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и напредокот на патот кон ЕУ се два меѓусебно зависни процеси.

- Борбата против организираниот криминал и корупцијата и напредокот на патот кон Европската Унија се два меѓусебно зависни процеси кои го забрзуваат процесот на интеграција. Не можеме да очекуваме дека ќе имаме застој во борбата против корупцијата, а дека ќе одиме на патот кон ЕУ и обратно, ако сме добри и имаме добри резултати во овој дел секако дека ќе имаме и напредок и добри оценки од страна на ЕУ. Пред нас е голем предизвик за успешно да ги затвориме преговорите со ЕУ и шанса која не смееме да ја пропуштиме. Корупцијата треба да ја гледаме како точка на обединување на секој граѓанин, на сите институции со пристап кој ќе биде инклузивен во нејзиното искоренување, нагласи Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека како земја која има сеопфатна антикорупциска правна рамка усогласена со сите релевантни меѓународни и европски стандарди во оваа област фокусот наредниот период треба да го ставиме на доследна имплементација на сите овие стандарди, стратегии, закони и инструменти кои ги имаме во раце.

– Целта на тоа е да градиме досие, да градиме резултати и гласно и отворено да зборуваме за корупцијата како предизвик со кој се соочуваат сите современи општества, рече Маричиќ.

Минатата недела, додаде тој, го заокруживме билатералниот скрининг за Кластер 1 – Фундаментални вредности каде, како што кажа, се нотираше дека треба да се продолжат напорите за борбата против корупцијата, да се спроведуваат имплементираните препораки на ГРЕКО и да се доделат доволни ресурси на сите институции кои се неопходни во овој ланец на борба против корупцијата со особен осврт на Основото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со цел да се обезбеди ефективна одговорност за предметите со корупција на високо ниво.

Маричиќ посочи дека биле поздравени и активностите кои веќе се преземаат, а се во насока на зајакнување на статистиките во борбата против копрупцијата, иако, како што посочи, имавме забелешки во рамките на Поглавјето 24 од страна на ЕК за бројот на реализирани активности во оваа област. Во рамки на Поглавјето 5 јавни набавки ни било побарано да ги презентираме сите мерки што ги преземаме во оваа област.

– Во рамки на повеќе проекти иамме реализација на активности кои имаат за цел зголемување на транспарентноста и интегритетот на јавните институции, вклучително и во судовите и јавните обвинителства, како и активности за поддршка на работата на ДКСК. Овие извештаи се само индикатор дека имаме вистинска и искрена намера во пристапот на борбата против корупцијата и во клучни моменти сме покажале и политичка волја и желба да патот за борба против корупцијата биде обезбеден, рече Маричиќ.

Додаде дека промени и напредок има, но далеку сме од тоа каде што би сакале да бидеме.

– И затоа, само вака низ еден искрен разговор на институциите кои имаат одговорност со јасно лоцирање на улогата и проактивен пристап до страна на сите можеме да дојдеме до резултати затоа што имаме и повеќе потенцијал и има можности да гледаме како работат другите држави, имаме можност со овој процес на преговори да покажеме дека сме подготвени да се трансформираме во вистинска насока со крајна цел Северна Македонија да биде членка на ЕУ, но исто така и демократска држава, одговорна држава со товрени иснтитцуии, со функционери кои работат во служба на граѓаните и со систем на спроведуавање на закони кој важи еднакво за сите, потенцира Маричиќ.