Манчевски на панел дискусија во Будва посветена на Отворено владино партнерство

Размена на искуства и практични решенија во однос на спроведувањето на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) во земјите во регионот, запознавање со новите трендови преку презентации на регионални иницијативи, како и дефинирање на областите во кои ќе се преземат заеднички мерки во иднина е целта на панел дискусија на високо ниво што се одржува во Будва, Црна Гора, на која учествува и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Како што соопштија од МИОА, во своето обраќање, Манчевски потенцираше дека преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност, Владата на Северна Македонија успеа да ги доближи институциите до граѓаните, така што тие се вклучени во процесите на креирање на сите владини политики.

-Основен предуслов за овој процес да биде успешен е довербата на граѓаните во институциите. Тоа го правиме преку активна транспарентност и отворање на податоците. Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 215 од повеќе од 48 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Преку порталот сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси, рече министерот Манчевски.

Во контекст на отворање на податоците, Манчевски додаде дека Владата воведе политики преку софтвер да ги објавува сите трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари. На овој начин, посочи, граѓаните имаат јасна слика за тоа како се трошат нивните пари.

Дводневниот настан во Будва е организиран во соработка меѓу иницијативата ОВП, РеСПА (Регионалната школа за јавна администрација) и владите на Црна Гора и на Северна Македонија.

На панелот, обраќање имаа и министерката за јавна администрација на Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за правда на Босна и Херцеговина Јосип Грубеша, Пол Масен, раководител на Програмата за поддршка на земјите за Отворено владино партнерство, како и Горан Пастровиќ, програмски менаџер од РеСпа,. стои во соопштението.